Пратеничката Кети Смилеска од СДСМ, на која ѝ е дијагностициран коронавирусот, вели дека не знае како се заболела, со оглед дека повеќе од еден месец не излегува од нејзиниот дом во Прилеп.

Таа вели дека по 15 февруари не го напуштила ниту градот, а комуницирала само со нејзиното потесно семејство. Пратеничката Смилеска моментално е хоспитализирана во Општата болница – Прилеп.

– Не знам како сум инфицирана, цел месец не бев излезена од дома. Комуницирав само со најтесното семејство, а тие, засега, немаат симптоми. Земен им е брис и чекаме резултати за нив. Јас по 15 февруари допатував во Прилеп, а од 10 март не сум излезена од дома. Сопругот одеше на работа, но, како што кажав, нема никакви симптоми. Јас ги осетив сите симптоми кои ги посочуваат здравствените работници. Имав болки во мускули, грло, осип, а потоа, последната фаза беше тешкото дишење. Благодарност до целиот медицински кадар во прилепската болница – вели Смилеска.

Таа од болницата им порачува на сите максимално да се заштитат и да внимаваат, за да не заболат од коронавирусот. Инаку, во изминатите 24 часа се потврдени 54 нови случаи на коронавирусот, од кои 10 се од Прилеп, каде досега се дијагностицирани 85 заразени.