Министерот за здравство, Венко Филипче, во врска со 63-годишниот пациент од Дебар, кој ноќеска починал на Инфективната клиника од Ковид-19, рече дека станувало збор за пациент кој бил хоспитализиран на 17 март, без покачена температура, со наод на белите дробови.

– Дошло до нагло влошување на состојбата, вчера била направена реанимација, бил ставен на респираторна машина, но тој по неколку часа починал. Пациентите кои претходно имаат некакви заболувања на белите дробови имаат повисок степен на смртност. Ова значи дека поризична група се повозрасните граѓани и тие се коморбидитет – рече Филипче.

Коморбидитет значи дека станува збор за лица кои имаат дијагнози, од кои една е примарна и хронична.

Во врска со првата почината пациентка, 57-годишната жена од Куманово, Филипче рече дека лекарите презеле сè што требало, но дека нема правило кога се влошува состојбата кога станува збор за коронавирусот. На прашањето како е можно двата теста за Ковид-19 да се негативни, а посмртно тестот да биде позитивен кај оваа пациентка, тој уште еднаш повтори дека „за жал, нема тест во светот кој е 100 проценти сензитивен“.

Денеска на Инфективната клиника се прават шест контролни брисеви на веќе хоспитализирани лица, од кои тројца се во потешка состојба. Анализата треба да покаже дали тие сè уште се носители на вирусот.

Што се однесува до лицата кои биле во контакт со поранешната директорка на Клиниката за кожни болести, Филипче рече дека периодот на изолација е завршен, сите тие ќе бидат тестирани во наредниов период, по што ќе се знае дали можат да се вратат на работните места.