Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство ја објавува двонеделната анализа на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19. За вакцинирани се сметаат лицата кои се имунизирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во период од 6 до 19 август на територија на државата 9.881 граѓанин е позитивен од тестираните на ковид-19. Од нив, 15 отсто биле целосно вакцинирани, односно 1.507 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според двонеделната статистика, 8.374 граѓани од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91 отсто, додека само 9 отсто од сите 724 моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице со ковид-19, а 92 пациенти од починатите не биле вакцинирани, додека деветмина, односно осум отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе хронични заболувања.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на коронавирусот.