Владата дополнително ќе ги информира граѓаните дали и какви рестирктивни мерки ќе донесе во услови на вонредна состојба, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски како одговор на прашањето, како ќе се обезбеди движење на работниците кои даваат услуги 24/7, доколку нивното движење се ограничи со полициски час за забрана за движење после 20 часот.

Тој посочи дека мерките што ќе бидат донесени ќе зависат од однесувањето на граѓаните, односно од проценката дали се почитуваат препораките.

– Информирав и на претходниот прес дека за секоја одлука што ќе ја носиме поврзана со вонредната состојба ќе ја информираме јавноста и врз основа на тоа ќе биде многу јасно кој и што ќе треба да прави доколку се донесе било каква одлука. Уште еднаш напоменувам сите тие одлуки ќе зависат во многу, како тоа сите ние се однесуваме. Ако почитуваме ако ги следиме препораките, ако заштитата наша лична на семејствата и околината ни е пред се, тогаш ќе поминеме сите многу полесно. Ако не, тогаш ќе имаме и рестриктивни мерки за кои што навремено ќе информираме – рече техничкиот премиер Спасовски.

Претходно техничкиот премиер Спасовски ги повика граѓаните да бидат совесни и одговорни и да ги почитуваат препораките во интерес на превенција од ширењето на коронавирусот. Додаде дека во услови на вонредна состојба не застанува животот и функционирањето на стопанството и економијата. Но, како што рече во вакви услови сите треба да бидат рестриктивни и ригидни во своето однесување во насока на заштита на јавното здравје.