Второ лице почина, а три се новозаразени од ковид-19 во Прилеп. Прилепчанец на 67-годишна возраст ја загуби битката со вирусот. Починал на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Сега бројката на заразени е 73 и две лица починати.

На инфективното одделение во прилепската болница се хоспитализирани 12 лица кои се со средна клиничка слика велат епидемиолозите. Денеска низ градот беше ангажирана и армијата со цел воведување ред пред банките, пред маркетите и на сите други потребни места.

– Она што го побарав, асистенција од Армијата се реализира, за мерките што ги предложи Владата поефикасно да се реализираат во Прилеп. Експресно од армијата беше одговорено и од утринските часови припадниците на армијата беа вклучени онаму каде што имаше потреба. „Стој овде“ се налепници кои ги постави општината пред банки, пред маркети и на други јавни места – изјави градоначалникот Илија Јованоски, апелирајќи прилепчани да останат дома и да ги почитуваат мерките и препораките.

На општинскиот кризен штаб присуствуваа вицепремиерката Радмила Шеќеринска, министер за одбрана, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кои без исклучок рекоа дека ќе се справиме со пандемијата и дека ќе се победи вирусот.

– Вчера градоначалникот на Прилеп побара ангажман од Армијата. Експресно одговоривме на барањето. Армијата функционира на нов начин да им помага на граѓаните и да влева сигурност. Сите касарни ќе обедбедат поддршка на единиците на ЛС. Можете да видите како утрово се смени сликата со мерките што ги презеде армијата. Припадниците на Армијата влеваат сигурност. Сега има помала бројка ама следните денови ќе се зголемува. До среда ќе знаеме какви потреби ќе имаат општините. Нема сила која може да не спаси ако не се почитуваат мерките. Ако има и малку неодговорност од граѓаните во вода паѓаат сите наши напори. Предноста е голема кога имате касарна во општините. Одлуките за присуство на војниците на терен ќе бидат флексибилни. На седница на Влада ќе донесеме какви мерки ќе се преземат за велигденските празници – изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

Вицепремиерот Бујар Османи истакна дека сепак граѓаните покажуваат пожртвуваност и дека општината се справува со новонастанатата состојба. Османи посочи дека респираторите обезбедени преку Норвешката амбасада останале во Турција. Сега Норвешката амбасада правела нов договор за обезбедување на респиратори по друга постапка. Ка.М.