Безбедносната состојба во општина Кичево во изминатите 24 часа е стабилна, нема прекршување на забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирусот.

Во исто време на територија на општина Кичево не се регистрирани сообраќајни несреќи и кражби, додека продолжува контролата на лица кои се во домашна изолација, така што во истиот тој период извршени се 33 контроли на лица во домашна изолација, при кои не се констатирани неправилности.

Од СВР Охрид уште еднаш упатуваат апел кај граѓаните да ја почитуваат одлуката на Владата за движење во отворен простор на целата територија на земјата.

Имајќи го во предвид фактот што на граѓаните им претстои период на најдолг полициски час, во текот на вчерашниот ден во огромен број ги посетија маркетите за да се снабдат со неопходните намирници во поголеми количини од вообичаеното.

Се пазареше се и сешто и единствено маркетите и аптеките и во овој период на пандемија, можат да бидат задоволни од својата профитабилност.

– Бидејќи не очекуваше тридневна пауза, во текот на изминатите неколку дена граѓаните поитаа во маркетите за да се обезбедат со сите намирници што им се неопходни како за продолжената пауза и полицискиот час, така и за велигденските празници. Се пазареа сувомеснати, млечни производи, овошје и зеленчук, алкохолни и безалкохолни пијалаци, апетисани и речиси се што имаме во нашата понуда – истакна Гоце М., вработен во еден маркет во средиштето на градот.

Се чини дека граѓаните поради нераборењето на локалите, обложувалничите и коцкарниците, сите средства ги насочија во набавка на прехрамбени артикли и тоа придонесе прометот во маркетите да биде поголем. З.А.