Комисјата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог мерки кои смета дека треба да се преземат од надлежните час поскоро, за да се спречи ширење и нов пандемиски бран од делта-сојот на коронавирусот, посочи денеска Игор Николов, претседател на партиската Комисија.

– Комисијата за заразни болести најави дека сега ќе ја разгледува состојбата, очигледно затоа што кажа Филипче, а само пред некој ден рекоа, се е под контрола, и дека мерки не требаат. Евидентно е дека Комисјата работи под диктат на Филипче и Владата, а не професионално – смета Николов.

Тој посочи дека иако министерот Филипче најавил дека неделава ќе се разгледува воведување на мерки на границите при влез во земјава, сепак изостанува било каква реорганизација на институциите надлежни за справување со вирусот.

Затоа, Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, предлага 15 мерки, кои Николов ги наброја во продолжение:

1. Професионализација на Комисијата за заразни болести;

2. Забрзување на вакцинацијата против ковид-19;

3. Зголемување на контролата на границите;

4. Достапност на тестирање за ковид-19;

5. Јасен и прецизен „Бел план” за здравствениот систем при нов бран на ковид-19;

6. Зголемување на достапноста за рендген и лабораториските анализи за пациенти со ковид-19;

7. Актуелизирање и обновување на протоколите за третман на ковид-19;

8. Мапирање на здравствениот персонал;

9. План за пациентите со останати дијагнози;

10. Мапирање на здравствените капацитети;

11. Одредување на болници посветени за ковид-19;

12. Мапирање на постоечката функционална апаратура;

13. Достапност на соодветен третман за пациенти со ковид19;

14. Достапност на лична заштитна опрема ;

15. Пост-Ковид центри за пациенти коишто прележале ковид-19.