Фото: Зоран Антоски

Општина Кичево бележи пораст на новозаболени, и покрај секојдневното укажување на причините за почитување на протоколите за заштита од ковид-19. Вчера се регистрирани 22 новозаболени и шестмина оздравени, што уште повеќе го усложнува проблемот од недостаток на болнички кревети, што ни го посочи и директорот на болницата Станко Трпески.

– Состојбата со се поголемиот број на новозаболени од ковид-19 во нашиот град секојдневно се усложнува, бидејќи имаме се поголем број на новозаболени и помал број на оздравени. Поголемиот број на инфицирани се со потешка клиничка слика, а дел и со коморбитети, што бара нивно болничко третирање. Целокупните болнички капацитети кај нас се пополнети, болниците во соседните градови исто така се целосно пополнети и се соочуваат со истите проблеми. Никој не може да ни излезе во пресрет. Како ќе се одвиваат работите понатаму засега немам одговор. Така, бројот на активни случаи секојднево е во пораст. И денес имаме 201 активен случај, а вкупниот број на инфицирани од почетокот се искачи на дури 619 лица – вели д-р Станко Трпески. З.А.