Фото: Васка М. Младеновска

Постапувајки согласно препораките на Министерството за здравство и Владата, во РЕК „Битола“ се воведени најстроги мерки на безбедноста од коронавирусот.

Во Комбинатот сите вработени при влезот и излезот од РЕК „Битола“ мораат да се легитимираат и дезинфицираат.

Се дезинфицираат сите автобуси, службени автомобили, канцелариите, управната зграда, работните простории. Поради вирусот затворена е кујната во Комбинатот. Нема пиење ни кафе. Поставени се информативни табли за заштита од коронавирусот.

Поради краткиот период за објавување тендери за набавка на дезинфекциони средства и заштитни маски и ракавици, како и друга облека, во овој момент на помош излезе Синдикатот преку кој во се одвиваат во најголем дел набавките за заштитна опрема.

Паралелно со безбедноста на вработените се води сметка и за препораките на Владата за организрање на процесот за производство. Во целост е сменет начинот на работа на администрацијата.

Според директорот на РЕК „Битола“ Златко Ќурчиевски процесот на производство на електрична енергија се одвива нормално, исто како и снабдувањето со резервни делови, иако некои добавувачи од Кина најавија доцнење со некои испораки. М.М.