Фото: Маја Јаневска Илиева

Новиот ковид-сој наречен „кракен“ што денеска првпат беше регистиран во Македонија, во изминатите неколку недели шири низ светот со можност да ги надвладее останатите подваријанти, но се чини дека не постои причина за загриженост како со претходните подвидови на коронавирусот, пренесуваат светските медиуми.

„Кракен“ се смета за вешт избегнувач на антителата, способен за силен стисок врз површината на ќелиите, со што стана подвидот на ковид што моментно се шири најбрзо, пишува магазинот „Атлантик“.

Преносливоста на „кракен“ се должи на мутација на шилестиот протеин.

– „Кракен“ има мутација што генетичарите ја нарекуваат „Ф486П“. Станува збор за навидум мала промена на шилестиот протеин, што му овозможува на вирусот да ги инфицира човечките ќелии. „Ф486П“ ја засилува способноста на шилестиот протеин да се „поврзе“ со конкретен дел од ќелиите наречен АЦЕ2-рецептор. Таквата мала промена може да има широки импликации. „Ф486П“ му овозможува на „кракен“ да ги задржи најризичните карактеристики од претходните варијанти, додека додава уште една карактеристика – големата преносливост – наведува магазинот „Ролинг стоун“.

Надлежните ги следат и можностите за надвладување на постоечките ковид-варијанти од страна на „кракен“.

– Најмногу се обрнува внимание на тоа колку брзо ќе биде потребно да ги надвладее постоечките варијанти на ковид-19. А станува збор за навистина брз подем – кажа Шон Трулов од универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Но, засега нема докази дека „кракен“ е поостар од претходниците.

– Мислам дека има помалку причини за загриженост, особено за оние што се имунизирани. Претходните изложувања на вирусот веројатно ќе помогнат против секоја постоечка инфекција – смета имунологот Мехул Сутар од американскиот универзитет „Емори“.

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски неделава изјави дека сите податоци укажуваат оти се работи за варијанта што предизвикува благи симптоми.

– Добро е што сите податоци што досега ги имаме укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не очекуваме неговото ширење драстично да го оптерети здравствениот систем – изјави д-р Петличковски при гостувањето на телевизија „Сител“.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) неодамна објави дека најновата подваријанта на коронавирусот која брзо се шири не е голем ризик за повеќето луѓе во Европа. Научниците предупредија дека ранливите групи како што се повозрасните, невакцинираните или оние со компромитиран имунолошки систем се со умерен до висок ризик од новата омикронска подваријанта позната како „кракен“, но истакнаа и дека се чини оти ризикот е низок за општата популација.