Фото: Илустрација/Пиксабеј

Невообичаен случај на одбивање на пациент чии родители не се вакцинирани против ковид-19

Случајот на тригодишно дете од Кипар, чие лекување првично беше одбиено од странски болници бидејќи неговите родители се невакцинирани, предизвика загриженост за прашањето дали лекарите смеат да одбиваат пациенти, пишува „Политико“.

Детето сега очекува операција во Грција, откако три држави претходно одбија да го лекуваат. Тоа е примено во болница со срцеви проблеми. Процедурата што му е потребна не е достапна во кипарските болници, па тамошното министерство за здравство минатиот четврток договорило детето да биде пренесено во Германија.

Но, еден ден пред трансферот, болницата во Франкфурт ги известила кипарските власти дека нема да дојде до реализација на договорот, бидејќи родителите на детето не се вакцинирани против ковид-19. Кипар потоа сугерираше детето да биде придружувано од законски старател, наместо од родителите, но тој предлог беше одбиен.

Претставник на германското министерство за здравство потврдил дека не постои пропис според кој болниците не можат да лечат невакцинирани пациенти, а камоли деца чии родители не се имунизирани против ковид-19. Но, тој додал дека секоја болница има сопствени рестрикции и самата се договара со пациентите. И ЕУ исто така се огради од случајот.

– Здравствените политики, вклучувајќи ги и вакцинациските политики, и нивната конкретна имплементација, се должност на државите-членки, а не на Комисијата – кажа портпарол на одделот за здравство на Европската комисија.

Детето потоа беше префрлено во Грција минатата сабота, каде што ќе биде оперирано во приватна болница во Атина, според генералната директорка во кипарското министерство за здравство, Христина Јанаки.

Родителите на детето беа вакцинирани во четвртокот, но сепак, беше потребно да почекаат шест недели пред да бидат прифатени од странските болници, а на детето му е потребна итна операција.

– Знам дека невакцинираните пациенти се примани во болниците во Германија. Не знаев дека и јас треба да бидам вакциниран за моето дете да биде оперирано. Да знаев, секако дека ќе го сторев тоа… Јас сум здрав и не сакав да бидам вакциниран. Сметам дека е несоодветно некој што е здрав да биде вакциниран – кажа таткото на детето, Алексеј Матвеев, кој е руски државјанин што живее на Кипар.

Јанаки истакна дека родителите не биле информирани навремено дека им е потребна вакцинација. Кипарските власти, пак, тврдат оти им сугерирале на родителите да примат една доза од вакцината на „Џонсон и Џонсон“ за забрзување на процесот, што тие го одбиле. Матвеев, пак, го отфрли ваквото тврдење велејќи дека ја примил вакцината на „Фајзер“ по совет на германски медицински центар.

Детето веќе имаше операција летоска, кога беше потребен ПЦР-тест на родителите за да го придружуваат, според директорот на клиниката за педијатрија во болницата „Макариос“ каде што момчето е сместено.

Ваквиот невообичаен случај го потенцира етичкото прашање дали докторите треба да ги одбиваат невакцинираните пациенти, или како во овој случај, невакциираните родители.