Џек Сомерс

Универзитетот „Оксфорд“ и Империјалниот колеџ од Лондон се во трка да пронајдат вакцина за ковид-19. Првите тестирања на луѓе во Европа започнаа на 23 април и во нив учествуваа 800 доброволци. Сега, потребни се дополнителни 10.000 волонтери во Велика Британија. Џек Сомерс е еден од нив и ја раскажа неговата приказна за „Индипендент“. 

– Помина еден месец откако потпишав за волонтирање. Ми платија 265 евра за пет посети во болницата, голем број на боцкања со игли во мојата рака, и јас, буквално, станав заморче, но во надеж дека ќе придонесам во пронаоѓање на вакцина за коронавирусот – вели Сомерс.  

Вакцината е надеж за враќање во нормалата во која уживавме пред епидемијата на ковид-19, така што Велика Британија сериозно се посвети на пронаоѓање вакцина, а вети вкупно 43 милиони фунти за лабораториите кои работат на тестирање на вакцината на луѓе. 

– Волонтирањето е поздодевно одошто мислите. Се аплицира онлајн, а пополнувате огромен формулар за историјата на вашето здравје, како и за болести во семејството. Доколку ве одобрат, ве повикуваат во болницата – објаснува Сомерс. 

Пред да замине во болницата, Сомерс бил два месеца во самоизолација во неговиот апартман, а исто така претходно останал без работа. 

– На првата посета од вас се бара да дадете примероци на урина и крв, да пополните формулари и да гледате видео во кое ви објаснуваат дека наскоро ќе добиете благи симптоми и ефекти. Потоа одите дома и чекате зелено светло откако сè ќе биде проверено – вели Сомерс.

Во меѓувреме, Сомерс вели дека е нормално да очекувате илјадници прашања од вашите блиски и пријатели. Повеќето, секако, ќе ви пристапат со добронамерни желби за закрепнување, но понекогаш има и досадни теории на заговор кои ќе ви ги објаснуваат. 

– Два дена по првата посета на болницата, пратив мејл за да прашам зошто сѐ уште ме немаат повикано за боцкање. Одговорот беше краток – бидете смирени и чекајте. Да бидам искрен, почнав помалку да паничам – вели тој. 

Потоа, Сомерс бил повикан во болницата, а медицинска сестра му објаснила за тестовите направени врз мајмуни.

Пред да биде вакциниран, тој се сетил на зборовите кои му ги кажала една жена – правиш нешто што може да помогне на милиони луѓе. Зборовите направиле да се чувствува храбро и бестрашно, а вакцинацијата била безболна. Потоа, од него побарале секојдневно да ја мери неговата температура и да ги запишува симптомите во онлајн-дневник.

– Мислам дека најголемиот несакан ефект беше паранојата. Двапати во неделата легнав да спијам со симптоми на блага треска, кои всушност, не бев сигурен дека ми се случуваат. Зголемена температура и кивање, напишав во дневникот на третиот ден со свечен израз на лицето, со кој можете да испратите телеграф со кој информирате дека Титаник удрил во санта мраз и потонал- вели Сомерс.

Како што минувале неделите, тој не страдал од други несакани ефекти.

– Со оглед дека мојата температура тој ден беше совршено нормална, 36,5 степени, мојот наратив во дневникот несекогаш одговараше на реалноста – се потсеќа тој. 

Потоа, Сомерс се посветил и очекувал информации во врска со истражувањата, а дознал и дека сите вакцинирани мајмуни се заразиле од вирусот. 

– За среќа, нема да се бара од мене да се соочам со вирусот на ист начин, но сакам да им раскажувам на внуците дека дадов удел во тестирање на вакцината со која се спаси човештвото, а не еден од опитите кои беа неуспешни – вели Сомерс. 

Гледајќи назад, тој смета дека погрешно се гледал себеси, како протагонисттот кој ќе има најдобра приказна, проследена со најдраматичните несакани ефекти.

– На крајот, сфатив дека ќе има многу опити и илјадници други доброволци. Наредната недела се враќам за дополнителни тестирања, а допрва нови волонтери доаѓаат за првото примање на вакцината. Неуспехот и учењето се клучни за научниците на крајот да успеат, па дури и ако мојата вакцина не функционира, јас никогаш нема да зажалам што сум еден од првите што го додадоа своето име на списокот за пронаоѓање вакцина – вели гордо Сомерс.