Сите странци во Португалија кои чекаат дозвола за престој чија постапка е во тек ќе бидат третирани како постојани жители, од денеска до 1 јули, соопштија властите, објавува „Ројтерс“. Ваквата мерка е со цел мигрантите да имаат пристап до јавни услуги за време на кризата со коронавирус.

Апликантите, вклучително и барателите на азил, треба само да обезбедат доказ за тековно барање со што ќе им се овозможи пристап до државни здравствени услуги, социјални бенефиции, можност за отворање банкарски сметки и склучување договори за работа и изнајмување на имот.

– Луѓето не треба да бидат лишени од нивните права за здравство и јавни услуги само затоа што нивното барање сè уште не е процесирано. Во овие исклучителни времиња, правата на мигрантите мора да бидат загарантирани – рече Клаудија Велосо, портпаролка на Министерството за внатрешни работи.

Политиката исто така има за цел да го намали ризикот од зараза со минимизирање на контакт помеѓу персоналот на граничната служба и оние што бараат влез во државата, се вели во соопштението. Португалија до вчера имаше 5.170 заразени од коронавирус и 100 смртни случаи.