Стотици илјади луѓе заробени во близина на воените судири на крајниот запад на Мјанмар, веројатно уште не знаат за постоењето на ковид-19 што се должи на интернет-забраната што трае веќе една година, според групите за човекови права, пренесува Си-ен-ен.
Владата на Мјанмар минатиот јуни го забрани пристапот на Интернет за девет града во областа на западот на државата, поради загриженост дека ќе биде истористен за разгорување на воените судири помеѓу војската на Мјанмар и бунтовниците. Интернет беше вратен само во еден од деветте градови во мај, додека другите осум со вкупна популација од 800 илјади луѓе остануваат во информативен мрак.
Организацииите за заштита на човекови права сметаат дека исклучувањето на Интернет ги доведува животите во ризик, не само бидејќи ги оневозможува луѓето да пријават прекршувања човековите права, туку и бидејќи ги отсече од кампањите за јавното здравје во врска со пандемијата на коронавирус.
Азиската држава до неделава забележа шест смртни случаи и 292 заболени од коронавирус по извршени 64.532 тестирања, според податоците на тамошното министерство за здравство.
Воените судири во Мјанмар помеѓу војската и бунтовниците што се борат за поширока автономија во државата Аракан избија кон крајот на 2018 година. Исклучувањето на Интернет резултираше со зголемување на цивилните жртви преку ускратување на информациите за луѓето, според отвореното писмо од страна на локалните политичари во Аракан објавено на социјалните мрежи. Судирите продолжија и покрај информативниот мрак, додека 151 цивил загина, а 344 беа повредени во пресметките од јануари до мај годинава, се наведува во писмото.