Министерството за одбрана на САД воведе мерки за чување на здравјето во домашните бази со цел да ги заштити воените сили и нивните семејства сместени во нив од коронавирусот, пренесува „Њузвик“. „Состојбата за заштита на здравјето“ која беше воведена, позната и како „ХПЦОН Чарли“, претставува четвртото највисоко ниво на тревога од петте можни.

И покрај тоа што Пентагон инсистира дека пандемијата на коронавирус не влијае врз оперативната подготвеност на воените сили, зад кулисите, воените вежби се намалуваат и откажуваат, а плановите се прилагодуваат за одржување на неопходните операции. Тука спаѓа и т.н. нуклеарна тријада што го сочинува американскиот нуклеарен арсенал (заеднички термин за нуклеарните капацитети на копно, море и во воздух).

Минатата недела, водечкиот човек на американската стратешка команда СТРАТКОМ адмиралот Чарлс Ричард кажа дека нуклеарната подготвеност е непроменета од страна на коронавирусот. Тој истакна дека „нуклеарните сили остануваат подготвени да ги извршуваат воените планови наспроти коронавирусот, односно дека пандемијата не влијаела врз способноста за извршување на мисиите. Згора, тој посочи дека неговата команда во Омаха има подготвен, обновен план за справување со пандемијата, што веќе се спроведува.

Но, активната сила што постојано е на штрек е поранлива, се наведува во анализата на американскиот магазин. Според податоците на „Њузвик“ СТРАТКОМ се соочува со ослободување од должностите на 106 лица поради коронавирусот, без разлика дали станува збор за заразени или за луѓе што се пратени во самоизолација. Шест бази во кои се чува нуклеарниот арсенал пријавиле случаи на коронавирус, според податоците на министерството за одбрана на САД.

Америка има вкупно 850 нуклеарни боеви глави што се подготвени моментно, од кои 400 интерконтинентални ракети и 450 боеви глави распоредени на пет ракетни подморници во Атлантскиот Океан и во Тихиот Океан, според Здружението на американски научници. Овие оружја се подготвени за активирање на команда на американскиот претседател. Дополнителни 1.300 боеви глави би можеле да бидат оспособени во најбрз рок, на четири или пет дополнителни подморници и на 60 бомбардери Б-2 и Б-52 во базите, во рок од неколку дена.

Командата во Омаха веќе презема чекори за социјално дистанцирање и премести дел од персоналот во други команди, со цел да се спречи ширењето на вирусот. Член на американската стратешка команда кој барал да остане анонимен истакнал дека се очекуваат значителни измени во начинот на работа.