„Фајзер“ и „Бионтек“ почнаа со клиничките тестирања на кандидатот-вакцина против омикрон-сојот на ковид-19 во студијата која треба да ја одреди безбедноста и имунолошкиот одговор во рамки на првичната имунизација, но и како бустер-доза, објавуваат светските медиуми. Во испитувањето учествуваат 1.420 лица на возраст од 18 до 55 години. Вакцината против омикрон ќе биде давана во 30-микрограмска доза, иста како и сегашната вакцина.

Студијата е поделена во три групи. Учесниците во првата група примиле две дози на „Фајзер“ во рок од 90 до 180 дена пред испитувањето. Тие ќе примат една или две дози на вакцината против омикрон. Оние во втората група примиле три дози на „Фајзер“ во истиот период пред студијата. Тие ќе добијат уште една доза од постоечката вакцина на „Фајзер“ или од вакцината против омикрон. Учесниците во третата група не се имунизирани против ковид-19 и тие ќе примат три дози од специфичната вакцина против омикрон.

– Со сегашните истражувања и податоци кои прикажуваат дека бустерите овозможуваат високо ниво на заштита против тешки облици на болеста и хоспитализацијата со омикрон, ние препознаваме дека треба да бидеме подготвени во случај оваа заштита да ослаби со тек на време и потенцијално да помогнеме во справувањето со омикрон и со идните варијанти во иднина – вели Катрин Јансен, потпретседателката на „Фајзер“, која раководи со истражувањето и развојот на вакцините.

Извршниот директор на „Фајзер“ Алберт Бурла неодамна кажа дека компанијата ќе ја има новата вакцина против омикрон во март, ако таа биде потребна.