Има сè повеќе градови во централна Кина кои прибегнаа кон строги ограничувања, откако драстично се зголеми бројот на новозаразени од ковид-19 во провинцијата Хенан.

Провинцијата Хенан пријавила 64 локални инфекции со потврдени симптоми во последните 24 часа, што е значително повеќе од само четири случаи претходниот ден, пренесува Ројтерс.

Иако тие бројки се мали во споредба со остатокот од светот, неколку кинески градови воведоа нови ограничувања за патување или економска активност како одговор на голем број нови случаи.

Националната политика на Кина за брзо искоренување на вирусот станува сè поинтензивна пред Зимските олимписки игри, чии домаќини се Пекинг и блискиот Хебеј од 4 февруари.

Кинеските власти, сепак, велат дека напорите за спречување на ширењето на вирусот ќе стануваат сè потешки во наредните недели, кога огромен број луѓе ќе патуваат за новогодишните празници.