Фото: Игор Бансколиев

КАКО СЕ СЛАВЕЛО ПРЕД 100 ГОДИНИ

Во дневниот весник „Наша Стара Србија“, кој излегувал во Скопје меѓу двете светски војни, во бројот од први јануари, во рубриката вести, е објавена честитка за Нова година: „На сите свои читатели од католичка вера им ја честитаме Новата 1925 година“. И тоа е сѐ. Главните празнични информации се поврзани со Божиќ, кога излегува и тробројот за 6, 7 и 8 јануари 1925 година, а на насловната страница се најавува претстојното празнување на Божиќ со редакциски воведник што ги сублимира најглавните настани од претходната година. Во воведникот, меѓу другото, се вели дека во „втората половина на минатата 1924 година ненадејно се тргна силно напред, преземените обврски успешно се реализирани, така што денес имаме една доста чиста ситуација, која ќе се разбистри уште повеќе, па со право може да се надеваме дека идната година ќе имаме потполна стабилност на ситуацијата со многу веќе завршени работи.“ Во продолжение на божиќниот текст се вели: „Каква само разлика има меѓу денешниот Божик и оној од минатата година! Да го земеме само прашањето на качаците и комитите. Колку само во таа работа се тргна напред! Лани имавме крвав Божик, многу куќи беа завиени во црно, тешко неспокојство и страв се вовлекоа во душите на населението, па и празникот му преседна… Денес веќе нема ништо од тоа; комитите ги снема, ги снема и качаците, и една широка радост завладеа долж нашите ридишта и долини, радоста на првиот среќен Божик во татковината…“ Во истиот број, на втората страница, се најавува одењето по бадниково дрво: „Денес во 1 часот попладне ќе се соберат кај Офицерскиот дом граѓани и офицери кои ќе одат да пресечат бадниково дрвце во околината на болницата ’Полумесечина’. Ќе се оди со коњи, коли, и останати превозни средства. По враќањето ќе има закуска и игранка во Домот“.

Граѓаните и офицерите бездруго тргнале и се вратиле со бадникови гранчиња во Офицерскиот дом на плоштадот во Скопје, а во црквите веќе течеле најавените богослужби, чиј распоред бил објавен во весникот. Според тој распоред, камбаните веќе ѕвонеле во 6 часот за утринска богослужба, во седум часот биле одржани таканаречените „Царски часови“, а во осум часот се одржала и Литургијата на Свети Василиј во сите скопски цркви. За пет часот попладне, истиот ден, значи во вторник на 6 јануари 1924 година, било предвидено бдение во црквата „Свети Димитрија“ со настап на Рускиот хор. За следниот ден, за првиот ден на Божиќ, според најавата, службите ќе почнувале во 4 часот наутро со утринска богослужба, а веднаш потоа следувала светата литургија во сите цркви во Македонија. Втората литургија во Соборната црква било предвидено да почне во 9 часот, а вечерната во 3 часот попладне. За вториот и третиот ден на Божиќ, утрински молитви биле закажани во 7 часот, а литургиите во 8 часот.
Во истиот празничен троброј на весникот од 1924 година, на страницата каде што се објавени новинарски цртички, записи и занимливости, објавена е и една куса репортажа што ја отсликува атмосфера околу тој Божиќ во Скопје: „Околу Божик сите како да влегоа во некаква бркотница за да се набави барем прасе, ако друго веќе не може. Тоа е убав обичај, но за денешните прилики, скап и опасен! А народот вели: ’Дури не цикне прасе, нема Божик!’ Децата сакаат ’гуденце’, мајките сакаат радост во куќата, да замириса на мевце, па таткото, сиромав, како знае и умее, мора да створи прасе по било која цена. Пред неколку дена на овдешната станица, во близина на поштенските магацини, настана една невидена бркотница. Се растрчаа и џандарите и поштенските службеници, бараа некакво поштенско прасе! Некои тврдеа дека е украдено, а други дека побегнало. Ваму-таму, нигде го нема. Ауф! Зарем баш овој сиромав да го плати. Кога не е виновен: ’Утекаја, бре, то прасиње са све сандук! Јазк, че платим, а ја Божик че проведем са тија моји робови без мрс!’ Пусто тоа поштенско прасе! Јазк, јазк!“

Ете и вакви текстови се објавувале во празничниот број на скопскиот дневен весник, додуша печатен на јазикот на тогашниот окупатор. Претходно, пред Божиќ, и тогаш, во 1924 година, повторно се собрале граѓани и офицери пред Офицерскиот дом, чекајќи да дојдат коњите, кои на располагање, за отсекување на бадниковото дрвце, ги отстапил седмиот коњички и артилерискиот полк. Околу два часот стигнале коњите, а пред да тргне колоната, воената музика отсвирила неколку музички точки. Проблемот настанал кога една група скопјани, собрани пред домот, побарале и ним да им се додели по еден коњ за да јаваат и тие до местото каде што ќе се сече бадниковото дрвце, но од страна на еден од кралските офицери им било речено дека „воените лица имаат предност пред граѓанството“. Потоа дошло да мали нереди од страна на момчињата, кои набрзо биле смирени од полковникот Бранковачки и неговиот аѓутант. Кога сите офицери добиле коњи, а со нив и само неколку „обични граѓани“, колоната тргнала кон веќе одреденото место за сечење на бадниковото дрво. По пат имало и малку веселба, некои почнале дури и да пукаат, но полковникот Бранковачки веднаш забранил да се пука. Откако го пресекле „бадникот“, бадничарите отишле прво да му дадат гранче на градоначалникот Сапунџиќ, всушност Сапунџиев, кој им подарил едно шише коњак, кое за неколку секунди било празно, а потоа бадникарите истото го повториле и кај командантот на армијата Божо Терзиќ, кој изнел еден балон вино и една кутија цигари „јадран“, кои, исто така, моментално биле разграбени. Потоа славеничката коњица се вратила во Офицерскиот дом каде што била организирана веселба и послужување, кое траело долго, а потоа, како што пишува, сите се разотишле, брзајќи секој кон својата куќа за да се привршат работите за утрешната свечена прослава на празникот.


Празниците се поврзани со позициите на ѕвездите, Сонцето и Месечината!

Според факти со кои располага историјата, автор на стариот, јулијански календар е александрискиот астроном Созиген. Тој по иницијатива на Гај Јулиј Цезар, во 46 година пред Исус, изработил календар, кој, според името на нарачателот, е наречен јулијански. Но овој календар не бил сосема точен. Тој се разликувал за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева, тропска година. Оваа разлика за 400 години се искачила на три дена, два часа, 53 минути и 20 секунди, а пак во 1700 година таа изнесувала цели 10 дена. Денес таа изнесува 13 дена.
Во средниот век тогашните учени ја воочиле неправилноста на јулијанскиот календар. Свесни за неточноста на календарот, во 1576 година, по иницијатива на папата Грегориј Тринаесетти, била формирана посебна комисија од астрономи и математичари, која имала цел да спроведе реформа на јулијанскиот календар. По неколкугодишна работа, при што, секако, главни биле пресметките поврзани со позициите на ѕвездите, Сонцето и Месечината, комисијата предложила конкретни мерки за реформа на календарот. Мерките биле прифатени од папата, кој на 24 февруари 1582 година издал посебна папска була позната како интергрависимус. Во овој документ биле содржани таканаречените канонес ин календарум грегорианум, односно мерки за реформа на календарот. Со нив, меѓу другото, било утврдено пролетната рамноденица да биде фиксирана на 21 март, а со цел да се изедначи дотогашната разлика меѓу јулијанската и реалната, тропска година, која во 1582 година изнесувала 10 дена, било решено во таа 1582 година 5 октомври да се смета како 15 октомври. Новиот календар бил наречен грегоријански, според папата Грегориј, кој ја спровел реформата.

Блаже Миневски