Не постои доказ дека пациентите што оздравеле од ковид-19 и имаат развиено антитела се заштитени од повторна инфекција, соопшти Светската здравствена организација, по повод најавите за издавање на „пасоши за имунитет“.

– Некои влади сугерираа дека детектирањето на антитела кај излекуваните пациенти од ковид-19 ќе служат како основа за „пасош за имунитет“ или „сертификат дека не постои ризик“ што ќе им овозможи на лицата да патуваат или да се вратат на работа, под претпоставка дека се заштитени од повторна инфекција. Во моментов нема докази дека луѓето кои се опоравиле од Ковид-19 и имаат антитела се заштитени од втора инфекција – нагласуваат од СЗО.

Затоа, велат од таму, употребата на вакви сертификати може да ги зголеми ризиците од постојан пренос на вирусот.

Од СЗО, исто така, наведуваат дека треба дополнителна валидација на лабораториските тестови кои откриваат антитела на коронавирусот, вклучувајќи ги и брзите тестови, за да се утврди нивната точност и сигурност.

– Неточни тестови можат лажно да ги категоризираат луѓето на два начина. Првата е дека тие можат лажно да ги етикетираат луѓето кои биле заразени како негативни, а втората е дека луѓето кои не биле заразени се лажно означени како позитивни. И двете грешки имаат сериозни последици и ќе влијаат на напорите за контрола на болеста – велат од СЗО.