Фото: Игор Бансколиев / Архива

Истражување со кое група европски научници дојдоа до интересно откритие

Голема европска студија беше објавена деновиве во медицинското списание „Јуропиан харт журнал“, во која се изнесени интересни сознанија за инфекцијата со коронавирусот и нејзините последици по луѓето, поточно кој пол е поподложен на оваа зараза, која практично го стави светот во изолација. Големата европска екипа ја водеа научници при универзитетскиот медицински центар (УМЦ) „Гронинген“ во Холандија, кои излегоа пред јавноста со добиените резултати.
Според студијата, во крвта на мажите е откриено повисоко ниво на клучниот ензим што го користи новиот коронавирус за заразување на клетките, а помалку го има во крвта кај жените, што може делумно да се објасни зошто мажите се поподложни на инфекција.

Како што се истакнува во студијата, ензимот 2 (AКE2) што се претвора во ангиотензин е присутен во мали количества во срцето, бубрезите и во другите органи. Научниците претпоставуваат дека има одредена улога во начинот на кој инфекцијата со ковид-19, респираторно заболување предизвикано од коронавирус, навлегува во белите дробови.
Научниците, исто така, открија дека широко пропишаните лекови наречени АКЕ-инхибитори или блокатори на ангиотензин рецептори (АРБс), кои често се користат за лекување на срцевите заболувања, не ги дале резултатите во повисоки нивоа на AКE2 и затоа не треба да го зголемуваат ризикот од ковид-19 кај лица што примаат редовна терапија.

Затоа, лекарите посочуваат дека пациентите треба да продолжат со третман и со нивната тековна антихипертензивна терапија, бидејќи не постојат клинички или научни докази дека треба да го прекинат третманот со инхибитори на AКE поради инфекцијата со ковид-19.
АКЕ-инхибиторите и блокаторите на АРБ им се пропишуваат на пациенти со конгестивна срцева мана, дијабетес или со бубрежни заболувања.
– Нашите сознанија покажаа дека пациентите со ковид-19 не треба да престануваат да ги користат овие лекарства – истакна професорот кардиолог Адријан Ворс, кој ја водеше студијата.

Досегашните податоците укажуваат дека мажите се поподложни на инфекцијата со коронавирусот отколку жените, така што постои веројатност од посериозни проблеми ако се разболат.
Анализирајќи ги податоците што се собрани за болни од двата пола, тимот на Ворс ги измерил концентрациите на AКE2 од земената крв кај повеќе од 3.500 пациенти со срцева мана од 11 европски земји.
Со оглед на тоа дека студијата почнала пред појавата на пандемијата на коронавирусот, пациентите со ковид-19 не биле вклучени во неа.
Но друга студија покажала дека AКE2 е клучна за начинот на кој новиот коронавирус навлегува во клетките, Ворс и неговиот тим забележале значително преклопувања со претходната студија.

– Кога откривме дека еден од најсилните биомаркери, АКЕ2, е многу поголем кај машката популација отколку кај женската, сфативме дека ова би можело да објасни зошто мажите се со поголема веројатност отколку жените да се заразат со ковид-19 и се поподложни на заболувања – за јавноста истакна Изиа Сама, лекар при УМЦ „Гронинген“ и наедно коавтор на таа студијата.
Ензимот 2, кој го конвертира ангиотензинот, е молекул што е лоциран на површината од клетките на белите дробови и е место на прицврстување на вирусот САРС-КоВ-2. Со врзување за овој ензим, вирусот е во состојба да влезе во ќелијата и да ја зарази.
Сама и Ворс забележале дека АКЕ2 е присутен не само во белите дробови туку и во срцето, бубрезите, ткивата што ги обложуваат крвните садови и особено со високо ниво во тестисите.

Тие објаснија и дека мажите се поподложни на ковид-19 отколку жените поради повисоките концентрации на AКE2 во тестисите.