Мадрид и Барселона нема да влезат во новата фаза на олеснување на мерките наметнати во Шпанија за да се спречи ширењето на коронавирусот, изјави во петокот шефот на здравствената служба, Фернандо Симон.

Преку четири фази, владата има намера да ја доведе Шпанија во „новата нормална состојба“ што ја очекува на крајот на јуни. Еден од факторите за понатамошно отворање на одделни региони е стапката на инфекција. Новата фаза овозможува отворање барови, ресторани и религиозни храмови, придржувајќи се кон епидемиолошките упатства.

Регионите на Мадрид и Барселона не се подготвени да ги ублажат ограничувањата, велат властите.

Овие високо населени региони заедно сочинуваат околу половина од заразените со коронавирус во земјата. Половина од починатите се од Мадрид и Барселона, жришта на инфекцијата, каде што живее 30 проценти од шпанското население.

По почетната фаза на отворање, владата се подготвува да премине во нова фаза на мерки за олабавување, што ќе стапи на сила на 11-ти мај.

Шпанија има над 220.000 заразени и е на второ место во светот по бројот на позитивни случаи, а вкупно во земјата досега починале над 26.000 луѓе.