Илустрација: Економист

Кога историчарите ќе напишат книга за пандемијата на ковид-19, она што го проживеавме досега веројатно ќе ја заземе првата третина во неа. Главно во приказната ќе биде тоа што ќе се случи следно, пишува коосновачот на „Мајкрософт“, милијардерот Бил Гејтс (неговото богатство се проценува на 104,9 милијарди долари – н.з.), во авторската колумна насловена „Бил Гејтс за борбата со идните пандемии“ за магазинот „Економист“.

Во поголемиот дел од Европа, Источна Азија и Северна Америка, врвот на пандемијата веројатно ќе помине до крајот на месецов. За неколку недели, многумина се надеваат дека работите ќе се вратат во состојбата во која беа во декември. За жал, тоа нема да се случи.

Јас верувам дека човештвото ќе ја победи оваа пандемија, но само тогаш кога поголемиот дел од популацијата ќе биде вакциниран. Дотогаш, животот нема да се врати во нормала. Дури и кога кога владите ги укинат превентивните мерки и бизнисите повторно ги отворат вратите, луѓето имаат природна аверзија кон изложување на болеста. Аеродромите нема да имаат големи толпи на луѓе. Спортот, практично, ќе се игра на празни стадиони. А светската економија ќе биде во депресија бидејќи побарувачката ќе остане ниска и луѓето ќе трошат попретпазливо.

Како што пандемијата ќе успори во развиените нации, таа ќе забрза во земјите во развој. Нивното искуство, сепак, ќе биде полошо. Во посиромашните држави каде што има помалку работни можности кои можат да се обавуваат од дома, мерките за дистанцирање исто така нема да функционираат. Вирусот ќе се шири бргу и здравствените системи нема да можат да се грижат за заболените. Ковид-19 ги преплави градовите како што е Њујорк, но податоците покажуваат дека дури и една болница на Менхетн има повеќе кревети во одделот за интензивна нега отколку повеќето африкански држави. Милиони би можеле да умрат.

Богатите држави можат да помогнат, на пример, преку осигурување дека критичните намирници нема да завршат кај оној што може да понуди најмногу. Но луѓето во богатите и во сиромашните места подеднакво ќе бидат безбедни само кога ќе имаме ефективно медицинско решение за вирусот, односно вакцина.

Во текот на следната година, медицинските истражувачи ќе бидат меѓу најважните луѓе на светот. За среќа, уште пред пандемијата тие правеа големи чекори во вакцинологијата. Конвенционалните вакцини го учат вашето тело да го препознава обликот на патогенот, вообичаено преку запознавање со изумрена или ослабена форма на вирусот. Но, постои и нов вид на имунизација кој не бара истражувачите да поминуваат време во гаење на големи количества на патогени. Овие мРНА вакцини користат генетички код за да дадат инструкции на вашите клетки за тоа како да подготват имунолошки одговор. Тие веројатно можат да бидат произведени побргу од традиционалните вакцини.

Моја надеж е дека до втората половина на 2021 година институциите низ светот ќе произведуваат вакцина. Во тој случај, тоа ќе биде историско достигнување – најбрзото до кое човештвото некогаш дошло од препознавање на нова болест до имунизација против неа.

Настрана од напредокот за вакцините, две други големи медицински откритија ќе произлезат од пандемијата. Едно ќе биде на полето на дијагностиката. Следниот пат кога ќе се појави нов вирус, луѓето веројатно ќе можат да се тестираат дома, на истиот начин како што тоа го прават за бременост. Наместо да мократ на стапче, тие ќе земат брис од нивните ноздри. Истражувачите можат да подготват таков тест за само неколку месеци по идентификација на новата болест.

Третото откритие ќе бидат антивирусните лекови. Ова беше гранка на науката во која недоволно се инвестираше. Ние не бевме ефективни во развојот на лекови за борба против вирусите, во однос на оние за борба против бактериите. Но ова ќе се смени. Истражувачите развиваат обемни, разнообразни бази на антивиротици кои ќе можат бргу да ги скенираат и да изнајдат ефективен третман за нови вируси.

Сите три технологии ќе нѐ подготват за идната пандемија овозможувајќи ни да интервенираме рано кога бројот на случаи уште е низок. Нагласувањето на истражувањето исто така ќе ни помогне во борбата со постоечките заразни болести, а дури ќе ни помогне во развојот на лекови за рак (научниците долго време мислеа дека мРНА вакцините би можеле да доведат до евентуална вакцина против рак. До појавата на ковид-19, сепак, немаше значително истражување за начинот на нивно масовно произведување по достапни цени).

Нашиот напредок во науката нема да биде осамен. Тој ќе биде забележан и во нашата способност за да осигуриме дека сите ќе имаат бенефити од таа наука. Во годините по 2021-та, мислам дека ќе учиме од годините по 1945-та. Со крајот на Втората светска војна, лидерите создадоа меѓународни институции како Обединетите нации за спречување на конфликти. По ковид-19 лидерите ќе подготват институции за спречување на следната пандемија.

Тие ќе бидат спој на национални, регионални и глобални организации. Јас очекувам дека тие ќе учествуваат во „бактериски игри“ на истиот начин на кој оружените сили учестуваат во воените игри (се мисли на воени вежби – н.з.). Тие ќе нѐ одржуваат подготвени за следниот пат кога нов вирус ќе се „скокне“ од лилјаците или птиците кон луѓето. Тие исто така ќе нѐ подготват ако „лош актер“ создаде заразна болест во домашна лабораторија и се обиде да ја претвори во оружје. Преку вежбање на пандемија, светот исто така ќе се брани против биотерористички чинови.

Се надевам дека богатите нации ќе ги вклучат посиромашните во овие подготовки, особено преку давањето повеќе странска помош за унапредување на нивните примарни здравствени системи. Дури и најсебичниот човек или изолираната влада требаше досега да се согласат на ова. Пандемијата ни покажа дека вирусите не ги почитуваат граничните закони и дека сите сме поврзани биолошки преку мрежа на микроскопски бактерии, без разлика дали тоа ни се допаѓа или не. Ако нов вирус се појави во сиромашна држава, сакаме докторите да имаат способност да го забележат и да го задржат колку што е можно побргу.

Ништо од ова не е неизбежно. Историјата не следи дефиниран курс. Луѓето бираат која насока да ја следат и можат да направат погрешен избор. Годините што следат по 2021-та можат да личат на годините по 1945-та. Најдобрата аналогија за денешницата може да претставува 10 ноември 1942 година. Британија само што ја извојува првата копнена победа во војната, кога Винстон Черчил во неговиот говор кажа „ова не е крајот. Ова не е ниту почеток на крајот. Но можеби е крајот на почетокот“.