Во Охрид се реализира нова акција за чистење комунален отпад исфрлен на брегот на езерото. Екипите на ЈП „Охридски комуналец“ започнаа да го собираат отпадот, кој во текот на изминатите неколку дена беше натрупан на крајбрежјето на Охридско Езеро, на потегот од кампот Љубаништа до границата со Република Албанија.

– Во рамките на овие активности се подигнати остатоци од пластична амбалажа, најлонски ќесиња, картонска амбалажа и други видови цврст отпад, кои како резултат на интензивните врнежи во водите на езерото биле исфрлени преку реката Черава. Со оглед на големите количества натрупан отпад и тешко пристапниот терен на одредени локации, акцијата за чистење ќе се одвива и во текот на наредните денови – велат надлежните од Општина Охрид.