Оценка за напредокот на војната во Украина побара премиерот на Велика Британија Риши Сунак, јавуваат британските медиуми. Сепак, високи функционери стравуваат дека премиерот можеби презема премногу внимателен пристап бидејќи војната влегува во клучна фаза.
Сунак во твит наведе дека Велика Британија била со Украина од самиот почеток, а тоа се покажало и за време на посетата минатиот месец.
Извор од Даунинг стрит додаде дека не е точно оти Сунак бил претерано внимателен и дека „поддршката на британската влада за Украина е непоколеблива“. Сепак, барањето предизвика тревога во некои области, бидејќи воените команданти велат дека испораките на оружје за Украина би можеле да бидат одлучувачки во наредните зимски месеци.
Владиниот извор изјави за Би-Би-Си дека прегледот, познат како проценка базирана на податоци, е дизајниран да го процени напредокот на војната и значењето на воениот придонес на ОК за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го охрабрува Сунак да одржи силно воено присуство во неговата земја.
– Претседателот Зеленски почувствува што се случува. Затоа тој разговараше со Риши. Тој се обидува да го инспирира, велејќи дека Британија е голем ослободител, голем борец – изјавил изворот за Би-Би-Си.
– Ја зацврстивме одлучноста на САД на сите нивоа, притисок од наша страна, но секогаш пријателски. Не сакаме Риши да ја зголеми претпазливоста на Бајден. Сакаме да турка на начин како што тоа го направи Борис Џонсон – кажал извор од Владата за медиумот.