Фото: Д.Ст.

Десетти ден протести против францускиот предлог

Демонстрантите на денешниот, десетти ден по ред, протест против францускиот предлог донесоа мисирка, и како што рекоа тоа е „ќурка“ за премиерот Димитар Ковачевски. Потоа мисирката врзана на автомобил ја однесоа и пред Собрание. На денешниот протестен марш, демонстранти изведоа и перформанс пред Министерство за надворешни работи. Пред МНР беше истакнато пано на кое пишуваше „предавници“ и на кое се гледаат ликовите на премиерот Ковачевски и министрите за надворешни работи Бујар Османи и за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Во перформансот пред паното на биро тројца луѓе со маски со ликовите на премиерот и министрите го потпишуваа „францускиот предлог“. Потоа тие ги тргнаа маските и се појавија маските со бугарското знаме. Учесници на протестот донесоа и макета-гилотина пред Собрание, на која пишуваше француски предлог.

Фото: Д.Ст.

Протестот под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ со засилено полициско обезбедување започна во 19 часот пред Владата во мирна атмосфера. Демонстрантите минaa покрај Министерството за надворешни работи, а нивна завршна точка, вообичено, беше Собранието. Учесниците извикуваа пароли како „Оставки“ и „Никогаш Северна само Македонија“.

-Тука сум затоа што не сакам да ме бројат како уште еден излажан, доаѓам за утре кога внуците ќе ме прашаат каде беше дедо и што правеше кога се решаваше за идентитетот, за јазикот, историјата за достоинството на Македонија, да можам да им кажам бев на вистинското место. Кога ќе го направам тоа ако не сега, а каде ако не тука, изјави поетот Ѓорѓи Барбаровски.
Тој рече дека доаѓа на протестите затоа што ништо само од себе не може да се разбуди и може да се разбуди само во нас во сите заедно.

– Како поет знам дека најдобрите песни се раѓаат кога се околу се буди и се доведено во драматичност која вели сега е вистинскиот момент да се буди. Доаѓам затоа што гледам дека страв и гнев се вгнездува меѓу луѓето. Политиката стравот го умножува велејќи сега или никогаш, се или ништо – рече тој.

Барбаровски додаде дека стравот ја поткопува слободата која е јадро на демократијата.

– Пред 30 години го напишав мојот завет што вие овие денови го пеете. Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат, само ти си бесмртна, жива водна подземна, кај што тонеш ти извираш. Може да те одречат, може да те предадат, може сешто да измислат само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш. Векови пеколни заедно ќе минеме, древно земјо македонска, така пишано ништо да не бидеме ти без мене јас без тебе – рече тој.

Не постои ниту друг идентитет, нити друг јазик, ниту друга држава освен Македонија. Застанувам тука без никаква друга цел освен за мојата држава Македонија, без никаква друга позадина, изјави Стефан Лазаров.

Тој упати обраќање на младите кои не се тука меѓу нас, кои се дома и ги следат овие протести и кои велат дека ако се присутни тука дека нема ништо да решат.

-Не е така, сите ние треба да станеме да се бориме за нашата држава. Ова се историски моменти и во вакви моменти не смееме да бидеме кукавици. НЕ за бугаризација, НЕ за француски предлог – рече Лазаров.

Лазаров упати обраќање и на оние кои „деновиве си се топлат во фотелја“.

-Додека својот народ е излезен, па и нивниот народ ние сме Македонци е излезен на улица па беше и каменуван, тепан а тие седат во фотелја. Сакам да ги прашам како ќе се погледнат во огледало кога ја ставаат својата држава на маса и преговараат? Македонија не е за преговарање, треба да знаат дека тука сме со една иста цел и сите имаме ист став а тоа е НЕ, НЕ, НЕ – кажа Лазаров.

-Ни велат овие од преку пат овде и таму од „Илинденска“ дека било тешко и дека немало алтернатива. Вие знаете дека секогаш има алтернатива. Зарем Питу Гули имал алтернатива во 1903-тата. Зарем Гоце Делчев имал алтернатива? Зарем Михајло Апостолски имал алтернатива кога се борел со бугарските фашистички окупатори овде во Македонија? И точно една работа дека нема подобар предлог од овој што сега ни се нуди, но само додека е оваа Влада на власт, само дотогаш нема подобра алтернатива – истакна Горан Момировски на денешниот протест.

Момировски додаде дека оставка според него не е доволна. Некој за ова предавство мора да одговара.

-Во македонската историја секогаш имало каколо во житото, сме го имале Коте од Руља, да не ги редам тие од постарата генерација, но сега имаме и Љубчо од Делчево, Зоран од Муртино, Стево од Автокоманда, Димитар од Куманово. Секогаш сме ги имале и секогаш сме ги победувале во историјата и сега ќе биде така – рече Момировски.