Фото: Пиксабеј

Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus, од семејството Bunyaviridae). Вирусот на Конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска, објаснуваат од Институт за јавно здравје (ИЈЗ).
Смртноста од ККХТ достигнува и до 40 проценти.
Дваесет и седум годишна жена од плачковичкото село Кучица во Општина Карбинци почина од оваа болест по каснување од крлеж. Според Институтот за јавно здравје на 27 јули во лабораторијата за вирусологија на ИЈЗ бил докажан причинител на конго-кримска хеморачна треска кај пациентка која била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Почина 27-годишна жена, била касната од крлеж

Како се пренесува

-Вирусот се пренесува на човек, пред сè од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско – објаснуваат од ИЈЗ.

Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите.

Знаци и симптоми на болеста

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, а максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 13 дена.

Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни.

-Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно – објаснуваат од ИЈЗ.

Лекарите апелираат граѓаните каснати од крлеж да побараат лекарска помош и да не се обидуваат сами да го отстранат од телото.

Прва опишана епидемија на ова заболување во Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица, а две починале, во едно семејство во селото Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед на тоа дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата република и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

Заштита

Мерките за превенција и контрола на заболувањето се насочени кон намалување на ризикот од пренос од крлеж на човек

-Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека која нема да остава откриени делови од телото – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава;
-Носете светло обоена облека за да се овозможи лесно откривање на крлежи на облеката;
-Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото;
– Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа. За постигнување на максимален ефект, нанесувајте репелент на секои 1-2 часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од 8-12 часа). Употребувајте ги според пропишаното упатство, бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се несакани ефекти во смисла на сериозни невролошки компликации;
-После можна експозиција на убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл);
-Настојувајте да ги контролирате животните за присуство на крлежи и доколку има соодветно да се елиминираат;
-Избегнувајте региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни.

Намалување на ризикот од пренос од животно на човек

-Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење;
-Карантин на животните пред да влезат во кланици или рутински да се третираат со пестициди, две недели пред колењето.

Намалување на ризикот од пренос од човек на човек:

-Избегнете близок физички контакт со лица заболени од ККХТ;
-Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болните луѓе;
-Редовно мијте ги рацете со вода и сапун после активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.

Фото: Пиксабеј

Преземени мерки за заштита

Началничката на Инфективно одделение во Клиничка болница-Штип, Дијана Шишкова-Гајдарџиска денеска за МИА изјави дека 27-годишната жена, која почина, била примена на одделението минатата недела, но поради дополнителни анализи во лабараторија и влошување на состојбата била хоспитализирана во Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Од Институтот за јавно здравје дополнуваат дека тим од Одделот за епидемиологија, во соработка со епидемиолог од Центарот за јавно здравје-Штип направиле веднаш увид во селото Кучица, во Клиничката болница Штип и во ИМП Штип.

-Се направи епидемиолошка анкета за пациентката од која дознавме дека била касната од крлеж, кој бил изваден во домашни услови. По појава на симптоми неколку дена од каснувањеето најпрво била хоспитализирана во Штип, а потоа во Скопје – велат од ИЈЗ.

Со оглед на тоа што болеста се пренесува и преку крв од заразеното лице, направени се претраги на сите контакти во семејството и во Клиничка болница-Штип и Брзата помош, при што биле класифицирани според ризикот. Н.Б.З.