Дваесет и седум годишна жена од плачковичкото село Кучица во Општина Карбинци почина по каснување од крлеж. Според Институтот за јавно здравје на 27 јули во лабораторијата за вирусологија на ИЈЗ бил докажан причинител на конго-кримска хеморачна треска кај пациентка која била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Началничката на Инфективно одделение во Клиничка болница-Штип, Дијана Шишкова-Гајдарџиска денеска за МИА изјави дека 27 годишната жена била примена на одделението минатата недела, но поради дополнителни анализи во лабараторија и влошување на состојбата била хоспитализирана во Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Од Институтот за јавно здравје дополнуваат дека тим од Одделот за епидемиологија, во соработка со епидемиолог од Центарот за јавно здравје-Штип направиле веднаш увид во селото  Кучица, во Клиничката болница Штип и во ИМП Штип.

-Се направи епидемиолошка анкета за пациентката од која дознавме дека била касната од крлеж, кој бил изваден во домашни услови. По појава на симптоми неколку дена од каснувањеето најпрво била хоспитализирана во Штип, а потоа во Скопје, велат од ИЈЗ.

Со оглед на тоа што болеста се пренесува и преку крв од заразеното лице, направени се претраги на сите контакти во семејството и во Клиничка болница-Штип и Брзата помош, при што биле класифицирани според ризикот.