Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската фудбалска репрезентација во Скопје доби важна победа во натпреварот против Фарски Острови со 1-0 во последното коло од четвртата група од Ц сегментот во Лигата на нации.

Репрезентативецот кој го постигна единствениот гол, Бојан Миовски, смета дека прикажале солидна игра против незгодниот противник.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

-Задоволен сум од настапот во групата. Фарските острови дојдоа по победата во Ерменија со голема самодоверба. Но, ние бевме стрпливи и смирени и ете дојде таа шанса која ја реализирав за победа. Сите сме горди што го носиме националниот дрес, сите све заслужни за првото место и рекордите. Имаме одлична атмосфера и верувам дека и во иднина ќе се радуваме заедно. Кога се игра за репрезентацијата чувството е различно. Овој гол ќе ми даде поголема самодоверба за настапите во Џирона – рече Миовски.

Македонија го комплетира овој успешен циклус со 16 бода на своето конто и ја чека својата шанса за евентуален бараж за Светското првенство во 2026 година.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот Благоја Милевски е задоволен од настапите во групата од Лигата на нации, но смета дека има простор за напредок.

– Знаевме дека не очекува уште потежок натпревар од оној со Летонија пред неколку дена. Сите наши фудбалери заслужуваат максимална почит од сите нас. Исто така заслужуваат нормални услови за игра. Овој терен не е пружа нормални услови. Апел до надлежните да се позанимаваат со ова прашање. Што се однесува до нашата репрезентација, ние бевме во фаза на подмладување, го правевме тоа во од. Можам да кажам дека формиравме тим од комбинација на искусни и млади фудбалери со голем потенцијал. На добар пат сме, но има уште простор за напредок- изјави Милевски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева