Илустрација / Фото: Пиксабеј

Вкупно 15 пациенти – 12 возрасни и три деца, се згрижени во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, откако од превртен вагон истече амонијак во близина на пиротското село Станичење, кај Пирот, соопшти Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
Во соопштението наведуваат дека сите пациенти моментално се во стабилни витални параметри и не се опасни по живот и додаваат дека се примени во текот на ноќта, пренесе Бета.

Се превртел вагон со амонијак кај Пирот, затруени над 50 граѓани

Според лекарите, децата кои се лекуваат на Клиниката за детски болести се свесни, комуникативни и имаат стабилни витални параметри. Поради иритација на респираторниот тракт, очите и кожата ќе бидат задржани на понатамошно лекување.

Во текот на ноќта шест пациенти се пуштени на домашно лекување, а останатите извесно време ќе бидат задржани на натамошно следење.

Меѓу оние кои ќе бидат задржани на лекување има и 59-годишен маж со повреди на градниот кош и 49-годишен маж со проблеми со срцето.

Во Пирот има вонредна ситуација поради истекување на амонијак од превртен вагон. Затворени се училиштата, градинките и јавните установи. Министерот за градежништво и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ изјави дека на пет локации во Пирот извршени се мерења и не е евидентирано присуство на амонијак.

Товарниот воз со амонијак што излета од шините во источна Србија бил натоварен во Бугарија. Тоа го изјави бугарскиот заменик министер за транспорт Красимир Папукчииски за БТВ.

Несреќата се случи кај Пирот.

Според Папукчииски, нема начин да се бара одговорност од бугарска страна, бидејќи инцидентот се случил на територијата на Република Србија. Товарот бил префрлен од бугарската инфраструктура во српската, во моментот на излетувањето со составот стопанисувале српската железница. Единствениот кој ќе учествува во истрагата е сопственикот на цистерните.

Сите 20 вагони се француски и германски, а биле транспортирани од бугарски приватен оператор, посочи бугарскиот заменик министер.

Тој ги советува бугарските граѓани да го ограничат патувањето во Србија.