Две третини од случаите на ковид-19 би можеле да потекнуваат од луѓе чија инфекција се уште не е детектирана, се наведува во новото истражување на списанието „Сајнс“

Научниците за јавно здравје на универзитетот Колумбија се обидоа да ја симулираат епидемијата на новиот коронавирус која од Вухан се прошири речиси во целиот свет, пренесува „Кварц“. Тие се послужиле со математички модел врз основа на податоците од патувањата на луѓето низ светот, како и најновите податоци за периодот на инкубација и стапката на заразени од вирусот, со цел да ја симулираат епидемијата во нејзината најрана фаза.

Научниците заклучиле дека пред властите на Кина да го забранат влегувањето и излегувањето од градот, шест од седум случаи на заболени со коронавирус уште биле неоткриени.

– Ваквите случаи биле неоткриени бидејќи инфицираните покажале слаби или воопшто никакви симптоми. Истражувањето покажа дека токму тие случаи биле одговорни за ширењето на епидемијата од Вухан – вели Џефри Шаман, истражувач од Универзитетот Колумбија.

По рестрикциите за патување наметнати од властите во Кина, и другите земји почнаа да го контролираат движењето на оние кои патуваат, но многу подоцна. Шаман објаснува дека поради недостапните тестови и нерестриктивната контрола, бројот на инфицирани на светско ниво веројатно е околу десет пати поголем од официјалните бројки, или вкупно околу 1,5 милиони инфицирани на светско ниво, кои би можеле да се заразени.

– Резултатите од истражувањето покажаа дека е тестирањето е од суштинско значење за да се следи степенот на ширење на вирусот, но и да се спречи „скришното, незнајно пренесување“ од заразените кои не знаат самите дека се заразени. Истражувањето исто така ја потврди и важноста од намалените социјални интеракции, дури и меѓу луѓе кои не се чувствуваат болни – вели Шаман.

Викендов на твитер-профилот на Министерството за здравство во Њујорк, беше емитувана пораката „Секој треба да се однесува како веќе да е заразен од коронавирусот“.