„Колибри“ ѝ посакува среќен 90-ти роденден на Бистрица Миркуловска, добро здравје, ведар дух и творечка инспирација

На 14 март 1930 година во Скопје е родена нашата истакната писателка и професорка Бистрица Миркуловска. Оваа авторка, со чии песни за деца раскрилени по читанките и во книгите пораснаа и растат многу генерации, пред неколку дена го прослави својот деведесетти роденден. Иако зачекори во десеттата деценија од својот живот, таа сѐ уште твори активно и на читателската публика ѝ подарува нови книжевни дела.
Завршила Филозофски факултет на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а постдипломски студии од областа на македонистиката. Била професорка на Филолошкиот факултет во Скопје и лекторка по македонски јазик и литература на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка.

Членка е на Друштвото на писателите на Македонија од 1971 година. Во претседателството на ДПМ била членка од 2000 до 2002, а била и претседателка на Комисијата за активности на писателите за деца. Авторка е на голем број книги поезија, раскази, романи, хаику, поезија, романи и раскази за деца. Незаборавни се песните за деца како што се „Работливо момиче“, „Дедо Снешко зимски цар“ и многу други, а некои од нив се отпеани и на детските музички фестивали.
Од творештвото за деца на оваа мошне плодна авторка ќе ги споменеме книгите: „Цвеќенца“, „Градинче“, „Првачиња“, „Празнични виделини“, „Виножито“, „Сите деца мили“, „Ѕвездена“, „Виделина“, „Клучарчиња“, „Тополите на крајот од дедовата ливада“, „Лице и опачина“, „Цвеќе на мирот“ и „Далечни проблесоци“.
Бистрица Миркуловска е плодна и како преведувачка од македонски на словенечки и од словенечки на македонски јазик, а за преведувачката дејност со опус од дваесет и две книги е наградена со „Потокарова повелба“ од Сојузот на книжевните преведувачи на Југославија, „Златно перо“, „Кирил Пејчиновиќ“ на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија и „Златно перо“ на СКП на Македонија во 2008 година за преводот на романот „Капелан Мартин Чедрмац“ од Франце Бевк.

Добитничка е на повеќе награди за поезија доделени од Друштвото на писателите на Македонија и од Здружението на просветни работници-литературни творци на Македонија, кое ѝ додели и награда за животно дело. Последниве неколку години е фокусирана на поезијата за возрасни и објавува книги од овој жанр. За поетската збирка „Фатаморгана“, ДПМ во 2017-та на Миркуловска ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.

Низ сите нејзини години на плодно литературно творештво, таа е голем пријател на децата, на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, како и на „Колибри“.
Се слушнавме телефонски за да ѝ го честитаме роденденот.
– Роденденот го прославив во кругот на моето семејство. Домашните ме изненадија со убава богата трпеза и со роденденска торта. Ги дувнав свеќичките со бројките 9 и 0. Пишувам постојано и подготвувам нови книги. Нозете не ме држат, но умот и срцето се добри. Сѐ уште сѐ правам со љубов – ни рече славеничката, нашата почитувана Бистрица Миркуловска.
„Колибри“ ѝ посакува среќен роденден, добро здравје, ведар дух и творечка инспирација.