Не е разгледувана можноста за размена на американскиот државјанин Пол Велан, обвинет за шпионажа и осуден на 16 години затвор, за руски државјани кои се наоѓаат во американски затвори, изјави во вторникот заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, пренесува ТАСС.

– Не се разговара за Велан во вакви шеми. Нема основи да се зборува за политизација на случајот на Велан и пресудата. Затворските казни се многу подолги за слични дела во други земји. Тој е виновен за сторено сериозно кривично дело и доби долга затворска казна – рече Рјабков.

Сопругата на рускиот државјанин Виктор Баут, кој е во затвор во САД, е подготвена да испрати барање до американските власти за размена на нејзиниот сопруг за Велан.

– Ако тоа е потребно, тогаш секако сум подготвена да напишам какво било барање и каква било изјава до американскиот претседател и американскиот Конгрес затоа што сакам да потсетам дека Виктор Бут е затворен 12 и пол години. Ова е речиси половина од казната – изјави Ала Бут за телевизијата РТВИ.

Министерството за правда на САД одби да коментира за можноста за размена на руски и американски затвореници по пресудата за Велан.

– Одбиваме коментар. Благодарам – рече Никол Навас Оксман, виш советник за комуникации за спроведување на меѓународното право и портпарол на Министерството за правда, во понеделникот за ТАСС.

Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, во понеделникот изјави дека не е во позиција да разговара за размената на затворениците.

– Пол сега стана осуденик во рускиот систем. Јас се залагам за правда за Пол… Она што го бараме не е размена. Ние бараме правда за Пол Велан”.

Градскиот суд во Москва во понеделникот го осуди поранешниот американски маринец Пол Велан на 16 години во затворска колонија со максимална безбедност. Велан е прогласен за виновен според член 276 од рускиот Кривичен законик (шпионажа).

Американскиот државјанин Пол Велан, кој исто така има британско, канадско и ирско државјанство, е шеф за глобална безбедност во „Борг Ворнер“, компанија за автомобилски компоненти со седиште во Мичиген. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претходно соопшти дека Велан бил приведен на 28 декември 2018 година во Москва додека бил во наводна шпионска мисија.

Рускиот адвокат на Велан, Владимир Жеребенков, претходно за „Гардијан“ изјави дека очекувал Кремљ да побара размена за неговиот клиент по пресудата.

– Ако Трамп ослободи еден од нашите, тогаш сигурен сум дека и нашиот ќе ослободи некого. Тоа е висока политика. Сакам да кажам дека нашиот претседател е апсолутно разумен во врска со ова. Путин го гледа сето ова прилично мирно. Зошто да не направиме размена? – рече тој во ноември.

Русија лани соопшти дека им кажала на САД дека би биле подготвени да го заменат Велан за пилотот Константин Јарошенко, руски државјанин уапсен во Либерија, кој во САД е осуден на 20 години затвор по обвиненија за дрога. Русија тогаш рече дека е рано да се разговара за Велан бидејќи тој сè уште не беше осуден.