Фото: Архива

Кога се зборува за историски највисоката цена на тутунот треба да се спомене и производствената цена на килограм тутун, која, исто така, е историски највисока, забележуваат некои од тутунарските здруженија во земјата што не се задоволни од понудената цена. Но од Сојузот на земјоделски здруженија искажаа задоволство од висината на новите откупни цени за тутунот, кои се повисоки за 30 проценти во однос на претходната година

Откупот на тутунот од годинашнава реколта предизвика поделени реакции кај земјоделците за висината на откупната цена за килограм тутун. Некои од тутунопроизводителите искажаа задоволство од почетокот на откупот на тутунот според просечни цени, кои се повисоки за 30 проценти во однос на претходната година. Откупната цена е 261 денар, за разлика од лани кога беше 200 денари. За Министерството за земјоделство ова се највисоки историски откупни цени. Како и претходните години при секој почеток на откупот има(ше) незадоволни земјоделци, кои реагираат на висината на откупните цени, која е „недоволна за покривање на производствените трошоци“. Затоа, кога се зборува за историски највисока цена на тутунот треба да се спомене и производствената цена на килограм тутун, која, исто така, е историски највисока, забележуваат некои од тутунарските здруженија во земјата.
– Килограм произведен тутун според трошоците не чини 240 денари. Вистинската грижа на Владата за земјоделците се гледа директно преку фактот што за 2023 година кога сите држави го зголемуваат буџетот за земјоделство, вие го намалувате. Тоа скапо ќе ги чини граѓаните, кои ќе купуваат сѐ поскапа храна од увоз – стои во реакцијата од четирите новоформирани тутунски здруженија.
Наспроти ваквите ставови, од Сојузот на земјоделски здруженија искажаа задоволство од висината на новите откупни цени. Според досегашната динамика на откупот на тутунот, до средината на јануари би требало да биде откупено целото количество на тутунопроизводителите, оцени Менде Стомнароски, претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија.
– Околу 65 отсто од динамиката на откупот се реализира и тутунарите се задоволни од постигнатата просечна цена од 261 денар за килограм тутун. Прва класа тутун се откупува за 300 денари, втора класа за 240 денари, трета за 180 денари. Годинава имаме одличен квалитет на тутунот за прва или втора класа, имаме производители што сакаат да постигнат квалитет, така што досега претежно имаме прва и втора класа тутун – вели Стомнароски.
Стомнароски истакнува дека годинава нема манипулации со тутунот и тоа што успеале да постигнат 261 денар просечна цена го смета за солиден успех, бидејќи во последните три години просечната цена на откупот на тутунот била 192 денари за килограм.

– Цената никогаш нема да биде доволна, тоа е сигурно бидејќи се работи за тешка работа, трошоците се зголемени, има голема зависност и од временските услови, но токму затоа и ја постигнавме оваа цена, со добра волја и од откупувачите и од министерството и од наша страна – истакнува Стомнароски.
За да се стигне до оваа сума, многу влијаеле и лошите процени од минатите три години и проблемите со откупот на вишокот на тутунот, но има повеќе склучени договори за производство и се очекува за наредната година тие уште повеќе да се зголемат. Годинешната просечна цена ќе ги мотивира тутунарите повеќе да произведуваат.
– Оваа година со нашето ангажирање преку сојузот преговаравме со сите фирми и се изборивме за ова покачување. Не викаме дека ова покачување е идеално и дека е многу, ама малку ќе ги ублажи нашите загуби – изјавија од Сојузот на земјоделски здруженија.
Според некои од тутунарите, кај нив не постои повеќе задоволство ни од висината на субвенциите, кои со вредност од 60 денари биле проектирани во далечната 2010 година, а минимално биле зголемени во 2017. Премиерот Димитар Ковачевски, при посетата на тутунскиот комбинат во Прилеп, ги изнесе официјалните податоци од Земјоделскиот инспекторат за тоа дека откупот на тутунот е со повисока откупна цена, поголемо планирано производство и подобар квалитет на тутунот. Годинава е донесен нов модел за зголемени субвенции за тутунот, според кој, субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

– Ова ветува успешен откуп што е бенефиција и за државата и за тутунарите, за развој на тутунопроизводството. Ова е доказ дека мерките што ги презема Владата даваат позитивни резултати. Тутунот е извозно ориентирана земјоделска гранка, која носи девизен прилив од над 120 милиони евра. Околу 20 илјади семејства живеат од тутунопроизводство. Со новиот модел за субвенционирање мотивираме да се произведува повеќе и поквалитетен тутун. Има и нов закон за тутун, со кој се решија сите отворени прашања кај тутунопроизводителите. Врвен интерес се интересите на тутунарите во услови на економска криза – изјави Ковачевски.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски смета дека моделот на субвенционирање одлично функционира и дава резултати. Тој истакна дека со донесениот Закон за тутун, усогласен со европските директиви, се олеснија административните процедури за да се фокусираат тутунарите на производството.
Годинава се потпишани над 29 илјади договори, што е за 7 отсто повеќе од лани, а за 15 проценти се зголемени површините за тутун. Годинава преку програмата за рурален развој беше распишана нова мерка за поддршка на набавката на опрема за тутунопроизводството, за што се склучени договори со околу четири милиони денари по корисник, а донесени се и други мерки за поддршка на тутунопроизводството во Македонија. Оваа година за првпат се доделени договори за 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој. М.Ј.