„Битолски весник“, најстариот локален печатен медиум во државата, кој континуирано излегува цели 59 години го издаде 3.000-от по ред број.
Тоа е своевиден рекорд на неделните печатени весници, со каков не може да се пофали ниту еден друг неделен весник, не само во Битола туку и во Македонија.
Вкупно 3.000 недели по ред „Битолски весник“ секогаш бил во рацете на читателите.
-Тој не престанал да излегува дури ни тогаш кога сите го прежалиле или отпишале, па дури ни за време на пандемијата со ковид-19, кога буквално една година застана животот не само во Битола, туку и во светот. Весникот стигна до читателите дури и тогаш кога цела редакција беше во изолација и се бореше со ковидот. Тоа е најдобра потврда за вредноста на „Битолски весник“, за кој многумина велат дека е светилник на битолското и македонското печатено новинарство и колективна меморија на Битола – велат од редакцијата.
Само за илустрација да наведеме дека поради недостиг на средства веќе неколку децении не излегуваат локалните весници со долгогодишна традиција: Народен глас од Прилеп, Наш весник – Куманово, Полог – Тетово, Вардарски глас – Велес, Преспански весник- Ресен, Езерски глас – Охрид, Штипски весник -Штип, Актуелности – Кочани…
Битолски весник в година на 29 април, 2023 година ќе го одбележи својот редок јубилеј 60 години од излегувањето на првиот број.