Фото: Игор Бансколиев

Купувачите забрзано ги дополнуваа домашните резерви со храна пред владините најави за покачување на цените на „замрзнатите“ земјоделски производи и овошје. Во
кошниците преовладуваа домати, краставици, компири, кромид, а некои од нашите
сограѓанки носеа по две-три табли јајца. Нивните одговори беа дека е подобро навреме да се снабдат со неопходните продукти, пред да се зголемат цените!

Кој ќе стигне прв во предвелигденската
ценовна трка: потрошувачите или трговците

Во новинарското блиц-истражување во врска со промените на пазарот на мало за неопходните производи за домаќинствата, првите два дена од тековнава седмица, пред големиот христијански празник Велигден, беше забележливо дека македонските потрошувачи ги поминаа во дополнување на домашните „резерви“ со основни прехранбени продукти. Вчера и завчера во маркетите, продавниците и на зелените пазари во Македонија можеше да се забележи зголемено движење на купувачите, кои сакаат порано да ги набават неопходните продукти за празничната трпеза. Граѓаните беа во „трка со времето“ пред владините најави за покачување на цените на „замрзнатите“ земјоделски производи и овошје. Во кошниците преовладуваа домати, краставици, компири, кромид, а некои од нашите сограѓанки носеа по две-три табли јајца. Нивните одговори беа дека е подобро навреме да се снабдат со неопходните продукти, пред да се зголемат цените!
Со одлуката на Владата за замрзнување на цените на 11 земјоделски производи и овошје, како да останаа неостварени примарните цели, а тоа е намалување на трошоците за живот за граѓаните. На продажните места владееше општа шареноликост на цени за земјоделските производи. Продавачите на земјоделски производи избегнуваат да ги постават цените на своите производи, со што пазарењето на граѓаните се сведува на постојано „истражување“ на цената на зеленчукот. Некои од трговците продаваат и по цени над нивото што го објавија од Министерството за економија. Така, доматите и краставиците се продаваа и над сто денари, што беше определено како „максимална ценовна граница“. Наспроти ова, под притисокот на големите увозници на земјоделски производи и опасноста од недостиг од земјоделски производи пред претстојниот празник, од Министерството за економија за вчерашниот ден најавија и нагорна корекција на цените.
Владата вчера донесе одлука од денеска да се зголеми замрзнатата цена на доматите на 95 денари по килограм. Истата цена ќе важи и за краставиците, а за 10 денари се зголемува и цената на кромидот. Максималната цена на пиперките ќе биде 100 денари со новата корекција од Министерството за економија. Леќата ќе се продава најмногу по 110 денари по килограм, додека сите други производи што подлежат на мерката ќе бидат под 100 денари.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека изминатата недела при увозот пристигнале пореални фактури, на кои било забележително дека поскапувањето на доматите, краставиците, кромидот и гравот е за 30 отсто.

– Новите цени ќе почнат да важат по објавата на одлуката во „Службен весник“, а ќе важат до крајот на месецот. Старите замрзнати цени на доматите беа 70 денари, кромидот беше 60 денари, краставиците 75 денари, а пиперките не смееше да се продаваат по повеќе од 90 денари за килограм. Ние направивме просечни увозни цени од 15 до 28 март. Од 28 март до вчера имаме нови увозни цени, кои се појавија во согласност со фактурите од Царинската управа. Затоа одлучивме да има мала корекција, бидејќи пријавените цени се многу повисоки од тие што се пријавени пред 28 март. И затоа, да не се направи штета или да се соочуваме со недостиг на одредени производи, одлучивме да донесеме измени и да ги зголемиме во согласност со процентите од царината и цените во малопродажба – изјави Бектеши.
Владата пред една недела ги замрзна цените на 11 продукти, кои треба да се продаваат од 55 до 110 денари. Доматите се најчестите земјоделски производи чија цена не падна, па најчесто во маркетите пишува дека се од увоз. Како проблем што се јавил во изминатите денови, како што изјавуваат од маркетите, е тоа што дистрибутерите на храна ги намалиле испораките на овошје и зеленчук. Иако Владата ги задолжи трговците со овошје и зеленчук да набават 70 отсто од количествата продадени во јануари и февруари, состојбата е слична и по зелените пазари. По засилените инспекциски контроли, кај увозниците и трговците беа пронајдени резерви од прехранбени производи, кои беа под режимот на замрзнатите цени, а кои не биле доставувани во малопродажните објекти. Покрај ова се детектирани и појави на прикажување лажни фактури со цел да се избегнат плаќањата на дел од даноците и царините.
Покрај граѓаните, и економските експерти ја оценија одлуката за замрзнување на цените како „административна“ и „неефикасна“.
– Станува збор за административни мерки спротивни на принципите на пазарната економија. Замрзнувањето на цените не обезбедува сигурност дека утре цените ќе обезбедат бенефиција за производителите. Ваквите замрзнати цени ќе имаат бенефиција за граѓаните и може да се одразат позитивно врз инфлацијата, но тоа може да биде штетно за понудата. Најчест проблем што се појавува по замрзнување на цените е недоволната понуда на некои производи. Иако во оваа ситуација државата ги обврза компаниите да достават одредено количество од производите што и претходно ги доставувале и да се избегне недостигот од производи – изјави професорот Зоран Ивановски.

По замрзнувањето на цената на лебот, некои млечни производи, тестенините и средствата за хигиена, се очекуваше да се влијае на намалување на инфлацијата. Но намалувањето на трошоците на животот во март, споредено со февруари годинава, изнесуваше скромни 0,1 отсто намалени трошоци за живот, а за толку биле пониски и цените на производите на мало. Кај свежиот и разладениот зеленчук цените пораснале за 8,8 отсто. Во споредба со март лани, трошоците на животот се зголемени за 14,7 отсто, а цените на мало за 10,7 отсто. Економските експерти се залагаат и за други мерки во справувањето со високата инфлација, како што се намалување на даночните оптоварувања на компаниите, намалување на даночните стапки, царински ослободувања или, пак, интервенции со државните резерви. Заради заштита на животниот стандард, од компаниите се предлагаше да се донесат целни мерки за ранливите категории на граѓани. М.Ј.