Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јуни се намалени за 88 денари во споредба со мај, покажуваат најновите податоци на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), кој редовно ја пресметува вредноста на синдикалната минимална кошница, пренесе МИА.

Според пресметките, вредноста на синдикалната минимална кошница за јуни изнесува 68.654 денари. Доколку во трошоците се вклучи и изнајмување стан од 60 квадратни метри, потребниот месечен буџет се зголемува на 84.024 денари.

Најголем дел од средствата се наменети за храна и пијалаци, за кои едно четиричлено семејство треба да издвои најмалку 25.120 денари месечно.

За покривање на режиските трошоци, како што се електрична енергија, вода, греење и други комунални услуги, потребни се 6.379 денари.

Во категоријата облека и обувки, според синдикалната пресметка, семејството треба да обезбеди минимум 6.511 денари месечно, што е еквивалент на околу 100 евра.

Податоците на ССМ имаат за цел да ја прикажат реалната цена на основните животни потреби и редовно се користат како показател за животниот стандард и куповната моќ на граѓаните во државата.