Десет лица се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа се случила на регионалниот пат меѓу Куманово и Свети Николе, во која учествувале комбе и камион.
Од Клиничка болница Штип за МИА информирале дека осум од повредените лица се задржани на Одделот за хирургија, додека две лица поради сериозноста на повредите биле пренесени во Комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје.
Според првичните информации, дел од повредените се здобиле со полесни, а дел со потешки телесни повреди, но засега нема информации за нивната понатамошна здравствена состојба.
Од Противпожарната бригада во Свети Николе соопштија дека нивни екипи интервенирале на местото на несреќата околу 21 часот, при што извлекувале повредени лица од оштетените возила. По интервенцијата, повредените биле преземени од екипи на Итната медицинска помош и транспортирани во здравствени установи.
Надлежните служби извршиле увид на местото на настанот, а причините за несреќата и околностите под кои се случила ќе бидат утврдени со истрагата.
Од Министерство за внатрешни работи се очекуваат официјални информации и дополнителни детали за сообраќајната несреќа.





































