Американскиот претседател Доналд Трамп верува дека војната во Украина наскоро ќе заврши, јави ДПА.
Трамп во интервју за емисијата „60 минути“ на телевизијата „Си-би-ес“ вчера изјави дека мисли оти доаѓа крајот на војната.
– Мислам дека ќе го решиме тоа, мислам дека тоа ќе се случи, а Украина на крајот ќе има малку поинаков облик – истакна тој.
Русија долго време бара Украина да се откаже од Крим и од четири други окупирани региони како дел од каков било договор за ставање крај на војната – услов што Киев постојано го одбива.
Трамп изјави дека најголемата пречка за мирот е „огромната омраза“ меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува германската агенција.
На прашањето дали тоа е разбирливо однесување на Зеленски, со оглед на фактот дека Украина е нападната, Трамп одговори потврдно.
– Но, кога ја имаа својата прва средба, кон Русија беше покажано големо непочитување – додаде тој.
Трамп наведе дека има добри односи со двајцата претседатели.
– Верувам дека таа војна ќе заврши, и тоа наскоро. А единствената причина поради која ќе заврши, сум јас – рече Трамп.
Американската администрација се гледа себеси како посредник во војната на Русија против Украина. Американскиот претседател неодамна се соочи и со критики во својата земја поради обидите да изгради поблиски односи со Русија.
Украински и руски претставници утре треба да се сретнат во Абу Даби, со посредство на САД, како дел од дипломатските напори за ставање крај на војната, пренесува ДПА.






























