Фото: Игор Бансколиев

„Макстил“ одбележа 25 години постоење

„Макстил“ одбележа 25 години работа и производство на македонскиот пазар, со пригодна свеченост, на која акцентот беше ставен на досегашните инвестиции и стратегијата за понатамошен развој на компанијата. По обраќањата на водечките луѓе од компанијата, следуваше мултимедијален перформанс во присуство на голем број гости, партнери, соработници, колеги од земјата и од странство.
„Макстил“ претставува лидер во металуршката индустрија, со учество во нето-извозот на државата од 1 процент и во вредноста на БДП со 0,3 отсто. Како извозно ориентирана компанија, своите производи ги пласира на светските пазари и е присутен во над 40 земји во светот.
На домашниот пазар е позната преку првиот проект за циркуларна економија, како и прва компанија што започна со јавно објавување на податоците за емисии во воздухот и компанија најголем еднократен донатор во јавното здравство.
Според претседателот на Одборот на директори, Димитар Цветковски, досегашниот успех на „Макстил“ е резултат на континуиран инвестициски циклус.
Овие 25 години поминаа во знак на инвестиции и континуирано подобрување и модернизирање на „Макстил“. Досега се инвестирани над 120 милиони евра, а само во последните пет години се инвестирани 25 милиони евра за унапредување и осовременување на производствените и технолошките процеси преку замена на застарените технологии со нови, со што се постигна зголемување на инсталираниот капацитет, унапредување на стандардите за работа и животна средина, како и зголемување на безбедноста при работа за сите вработени. Имаме нова инвестициска програма за следните неколку години, во износ од над 20 милиони евра – истакна Цветковски.
Безбедноста при работа и континуираното подобрување на работните услови остануваат највисок приоритет, како и досега, и во овој дел во последните пет години во „Макстил“ беа вложени повеќе од 2 милиони евра, при што десеткратно беа намалени повредите при работа.
Силата на нашата компанија е во нашите вработени, во нашиот тим, во големото семејство на „Макстил“. Успехот е многу поблиску кога се има добар тим, тим кој покажа што знае и умее во тешкиот период зад нас и за кој сум сигурен дека со уште поголем елан е подготвен да се справи со предизвиците пред нас – потенцира Цветковски.
Тој нагласи дека и во иднина компанијата ќе работи најдобро што може и на многуте предизвици ќе одговори, како што рече, со челична волја за нови успеси. Н.М.