СВЕТСКИ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ ВО ДАВОС

Во Давос се одржува 53-то издание на Светскиот економски форум (ВЕФ), кој ќе трае до 20 јануари, а на него ќе учествуваат рекорден број бизнисмени, претставници на најголемите светски компании, лидери на држави и познати личности. Главни теми, според најавите на организаторите, ќе бидат како да се дојде до решение на глобалната економска криза, еколошките предизвици, војната во Украина и други прашања.
Според официјалната агенда на ВЕФ, на престижниот настан во Давос ќе учествуваат 52-та шефови на држави, 56 министри за финансии, 19 гувернери на централни банки, 30 министри за трговија и 35 министри за надворешни работи. Ќе има претставници и на Обединетите нации, на Меѓународниот монетарен фонд, на Светската трговска организација и на други меѓународни организации.
Светскиот економски форум е непрофитна групација со мисија да го подобри светот, која организира годишни собири во форма на конференција.
Состанокот во Давос се одржува за време на најтешките економски превирања во последните години. Шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, предупредува дека третина од сите економии во светот би можеле да бидат погодени од рецесија во тековнава година.
Војната во Украина и санкциите од Западот за Русија доведоа до невиден недостиг од енергија. Иако се чини дека инфлацијата ја достигнала кулминацијата на пазарите во развиените земји како САД и во еврозоната, сепак таа е и натаму натпросечно висока. Тоа ги присилува централните банки агресивно да ги подигаат кредитните стапки. За возврат, високите каматни стапки доведуваат до поголеми трошоци на рефинансирањето во фаза на стагнација на економијата и го зголемуваат ризикот од глобална должничка криза. Тоа важи и за африканскиот континент. Според Светската банка, моменталната економска криза може да доведе и до натамошно зголемување на сиромаштијата во супсахарска Африка, каде што живее околу 60 проценти од најсиромашното население во светот.