ЦЕНИТЕ НА СТАНБЕНИОТ КВАДРАТ И НЕДВИЖНОСТИТЕ ВО НАГОРНА ЛИНИЈА

Растот на цените на градежните материјали ги зголеми и цените на недвижностите во земјaва, но, сепак, и понатаму се бараат станови и куќи, особено во главниот град. Драстичниот скок на цените на станбениот простор предизвика и зголемен интерес и зголемени нарачки за изградба на таканаречените монтажни куќи и објекти. Поскапувањата полека ги менуваат навиките кај граѓаните, кои сѐ повеќе се насочуваат и кон монтажните објекти, кои се поевтини и економични.
Дека цените на недвижностите и понатаму ќе растат потврдуваат и од агенциите за недвижности, од каде што посочуваат дека интересот за купување станови во Скопје, особено во централното градско подрачје, и понатаму е голем, а понудата намалена.
– Според состојбата на пазарот во однос на понудата и побарувачката на станови, како и цените на градежните материјали, како едни од битните фактори при формирање на цената по квадратен метар, сметаме дека тенденцијата на пораст на цените на станбениот простор ќе продолжи и во наредниот период, но со намалено темпо, за разлика од наглиот пораст од минатата година. Побарувачката за купување станови е голема на сите локации во главниот град, а секако најбарани се, како и досега, најатрактивните локации, односно населбите Центар, Водно, Капиштец, Карпош и, секако, Аеродром, кои сѐ уште го имаат приматот на локации со највисоки цени по квадратен метар за станбен простор – вели Игор Панчевски, сопственик на агенцијата за недвижности „Левел 7“.
Панчевски објаснува дека, генерално, продажбата и побарувачката на станови во земјава се поизразени во главниот град, a во последните години и во нашиот најголем туристички центар – Охрид. Тој дополнува дека во другите градови низ Македонија, особено во помалите места, речиси нема побарување и понуда, односно пазарот на недвижности е сведен на минимум.

Поскапувањето на становите, но и зголемените трошоци за загревање и ладење, наметнати со покачувањето на цените на енергентите, свесноста на луѓето за значењето и придобивките од неконвенционалните градби, кои се познати и како монтажни објекти, според инволвираните во овој тип на градба, довеле до драстичен раст на нарачките за изградба на вакви домови.
– Од средината на минатата година, а продолжува и во текот на овие месеци, имаме огромно зголемување на побарувачката и на бројот на нарачки за изградба на куќи од нашата понуда. Грубо кажано, околу 200 проценти е зголемена побарувачката, што мора да истакнам веројатно се должи и на пандемијата, кога, пак, имавме намален обем на работа. Секако, кон овој раст на нарачките игра улога и растот на цените на класичната градба, но и сѐ поголемата запознаеност на луѓето со придобивките од ваквите објекти, кои не се класични монтажни куќи што може да се монтираат и демонтираат. Ова се објекти што нудат поголема заштеда за корисниците, благодарение на квалитетните материјали, трошоците за загревање или ладење на домовите се значително помали. Со оглед дека струјата поскапува, а очекувањата се и во иднина да се зголемуваат цените, луѓето сѐ повеќе гледаат како да ги намалат основните трошоци и тоа е мотив плус за да се одлучат за нашите градби – вели Роберт Хот, сопственик на компанијата за градење семејни екокуќи „Хот и Хот“.
Тој посочува дека со растот на цените на материјалите за градба биле принудени да ги зголемат и цените по кои ќе ги градат нивните објекти, но дополнува дека растот на цените за изградба на овие објекти не бил толку голем како кај класичните колективни објекти за домување.

– Одредени материјали за градење се зголемија драстично, дури и сто отсто, но не сите што ги користиме при изградба на нашите објекти. Поскапувањето во нашите финални продукти изнесува само 20 проценти, и токму поради ова сметам дека интересот за објектите се зголеми од средината на минатата година. Дополнително, сега луѓето се посвесни и повеќе се интересираат дали објектите се енергетски ефикасни и штедливи. Сега, со растот на цените на струјата, ваквите градби стануваат сѐ поценети – појаснува Хот.
Дека граѓаните повеќе се насочуваат кон новиот тип на градби посочуваат и од агенциите на недвижности, од каде што дополнуваат дека причина повеќе за изградба на монтажни објекти е и финалната цена на идниот дом на едно семејство.
– Секако дека зголемувањето на цените на станбениот простор, но и состојбата со пандемијата, влијае кај дел од нашите граѓани, особено оние што сакаат да го решат станбеното прашање, а не се ограничени со одредена централна локација или потреба од стан, па разгледуваат и други алтернативи на периферните локации во Скопје. Притоа, луѓето најчесто се одлучуваат за инвестиции во куќи (цврсти градби или монтажни објекти) или купување веќе изградени и користени објекти, во зависност од можностите и желбите. Поради ова, очекуваме одредено раздвижување и зголемување на обемот на овој сегмент од пазарот – вели Панчевски од агенцијата за недвижности „Левел 7“.

Цените на станбен простор во главниот град во Македонија варираат од 700 евра до 1.400 евра за квадратен метар, во зависност од локацијата.
Цената на монтажите објекти за квадратен метар станбен простор изнесува 420 евра, но во неа не се вкалкулирани трошоците за локацијата, односно за местото за изградба.