Фото: Игор Бансколиев/IИлустрација

За време на викендот и во текот на наредната недела нѐ очекуваат вистински поларни студови, со утрински температури и под минус 15 степени. Викендов најстудено ќе биде во Тетово, каде што се очекуваат температури минус 12 степени, а во главниот град температурата ќе се движи од -9 до два степена. Какво влијание може да има ваквото време врз здравјето на граѓаните, сообраќајот, водостојот на реките, но и врз земјоделските култури

КАКВО ВРЕМЕ НЀ ОЧЕКУВА ВО СЛЕДНИОТ ПЕРИОД

Снежни врнежи проследени со ниски температури зафатија голем дел од Македонија. Ако пред неколку дена имавме релативно високи дневни температури за овој период од годината, во периодот што следува нѐ очекуваат вистински поларни студови, со утрински температури и под минус 15 степени.
Метеоролозите најавуваат пад на температурите под влијание на многу студена воздушна маса, што ќе услови период на студено време со умерен засилен северен ветер по должината на Повардарието. Во текот на викендот ќе биде облачно, со врнежи од снег, пообилни во југозападните делови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, а на планините таа дополнително ќе се зголеми.
На Попова Шапка во моментов има најмногу снег, околу 44 сантиметри. Натаму, од планините во земјава големи наноси на снег има и на Маврово, каде што снежната покривка изнесува 21 сантиметар, а во Крушевско се измерени девет сантиметри снег. Надлежните информираат дека поради ниските температури, ќе има појава и на голомразица. Температурите ќе се задржат значително под просекот за овој период и тие во текот на денот ќе бидат под нулата, а во почетокот на наредната седмица и под минус 15 Целзиусови степени.
Во Скопје низ улиците веќе се фрлени околу 140 тони сол, а за периодот што следува, кога се очекуваат ниските температури, градските власти информираат дека на располагање има 4.000 тони сол и дополнителна резерва од лани.
Во Македонија сите патни правци се проодни и нема забрани за движење освен на патот Дебар – Маврово за тешки товарни возила. Но поради појава на голомразица се препорачува внимателно возење.

Во меѓувреме, метеоролозите велат дека северниот, источниот и јужниот дел од европскиот континент се под влијание на многу студена воздушна маса, која е резултат на поле на висок воздушен притисок на приземје и висински циклон што се спушта кон јужните делови на континентот. Студеното време и ниските температури за време на викендов ќе бидат проследени и со врнежи од снег и засилен северен ветер. Времето ќе биде облачно и студено, во целава земја со врнежи од снег, пообилни во југозападните делови.
– Следните денови времето ќе биде многу студено и ветровито, со умерен до засилен северозападен ветер. Утринските температури на многу места во земјава ќе се спуштаат на минусната скала, а дневните ќе бидат околу и под нулата. Поради ниските температури, повремено ќе има зголемување на облачноста, со услови за провејување слаб снег, особено во вечерните часови и во северните делови. Најстудено викендов ќе биде во Тетово, каде што се очекуваат температури минус 12 степени, а во главниот град температурата ќе се движи од -9 до два степена. Сепак, наредната недела се очекува најниската утринска температура да изнесува и до -15 степени – велат од УХМР.
Климатологот д-р Пеце Ристевски прогнозира дека студеното време во земјата и нашиот регион најверојатно е резултат на студените бранови што пристигнуваат тука од евроазиското подрачје.
– Дали времето ќе продолжи подолг период да биде студено, во моментов не се знае, бидејќи недостига темелна анализа како се рефлектираат климатските промени во земјава. Но за обележување е дека климата постепено но сигурно пополека се менува во светот, а екстремен пример за тоа беше 2021 година, која беше историски најтопла од сите години досега – заклучува Ристевски.
Во меѓувреме, временските услови и зачестеното врнење снег и дожд во земјава придонесоа водостојот на реката Вардар да се подигне на алармантно ниво, особено во скопските населби Аеродром и Лисиче.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, вели дека и покрај најавените врнежи во наредните денови, не постои опасност од излевање на реката во околните згради во скопските населби, туку од заезерување на овој дел од речното корито, кој може да поплави единствено стотина метри од кејот на Вардар и да ги оштети велосипедската и пешачката патека.
Тој информира дека овие состојби се такви со реката, која ги поплавува само на некои делови велосипедските патеки поради градежниот зафат што е направен во однос на изградбата на новиот мост во населбата Аеродром и бидејќи е направен насип со кој е попречено дел од речното корито, со што доаѓа до подигнување на нивото на водата. Тој, сепак, додаде и дека напливот на вода во реката се должи и на тоа дека се испушта вода од системот на мавровските електроцентрали, но и од Козјак, Матка 1 и Матка 2, поради производство на електрична енергија.
– Но водата што се испушта е еквивалентна на водата што влегува во овие езера, бидејќи езерата се блиску до биолошкиот минимум, па така не се испушта повеќе вода отколку што влегува – вели Ангелов.
Според него, доколку имаме силни врнежи од дожд или нагло топење на поголеми количества снег, компанијата ќе треба целосно да го отстрани овој насип што го попречува речното корито а за тоа ќе им биде потребно повеќе од еден ден.
Тој додаде и дека е побарано поставување соодветна сигнализација на кејот и механичко преградување на патеката за, како што рече, во случај на кревање на водата, „некој замислен шетач или велосипедист да не влета во водата“.

Од друга страна, пак, овие ниски температури неповолно ќе влијаат на некои видови овошни дрвја, како и на виновата лоза, чие закројување некои веќе го започнаа.
Агрономот Зоран Јовановски вели дека не е непознато дека ниските температури и снегот ги соголуваат родовите на овошјата и зеленчуците во Македонија, но истовремено не е ниту неочекувано дека во зима температурите се многу ниски.
– Токму затоа, за да се превенираат штетите на овошките, дрвјата треба да се третираат соодветно и да се заштитат од напливот на студеното време. Дополнително како опција секогаш постои и можноста за осигурување на родот од евентуални штети, кои на и онака снеможените земјоделци им се своевидна гаранција да си го заштитат трудот – вели агрономот.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се и изјавите на лекарите, кои велат дека студените временски услови дополнително можат да го влошат здравјето на луѓето со грип и настинка и покрај опасностите на новиот сој на вирусот на пандемијата.
– Она што е опасно е што многумина во изминатиов период се жалат дека во склоп на тоа што се позитивни на вирусот, дополнително се жалат и на симптоми на настинка и грип. Сето тоа само дополнително го влошува процесот на заздравување од болеста, кој некогаш трае и повеќе недели. Освен коронавирусот, студеното време влијае многу и на општото здравје на луѓето. Температурните промени веќе ги чувствуваат оние лица што имаат нерегулиран крвен притисок. Промената на температурата најмногу влијае врз хронично болните, бидејќи студеното време ги стеснува крвните садови, а тоа дополнително влијае врз пациентите со ревматски заболувања, кои ќе чувствуваат вкочанетост во зглобовите и грчеви – вели доктор Мартин Јовановски.
Тој советува, колку што е можно, да се храниме здраво, со многу витамини и минерали и да си го заштитиме здравјето придржувајќи се кон здравствените протоколи за заштита од вирусот, кој сега со огромна динамика ги полни нашите болници.

[email protected]