Најавата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари отвори жестока расправија со закани помеѓу пекарско-мелничарската индустрија и Владата, доведувајќи го во прашање производството на леб. Пекарниците се жалат дека најавата на министерот за економија Крешник Бектеши е донесена еднострано и дека замрзнувањето на цената ќе значи затворање на компаниите, додека Владата изрази негодување што голем дел од компаниите за прехранбени производи кои добиваа субвенции, не ги намалиле цените на производите и по три месеци. Докторот на политички науки, синдикалец и активист, Здравко Савески, смета дека пекарската индустрија нема легитимитет да бара дополнителни олеснувања во ситуација кога не испорачала резултати по добиените субвенции, додека власта има право да го брани јавниот интерес со замрзнување на цената на лебот.

– Капиталистите од пекарската индустрија си го гледаат само профитот, додека Владата треба да води сметка за општествениот интерес и тоа се појдовните позиции. Владата ја субвенционираше струјата за да ја намали цената на производите, но производителите не ги намалија цените и немаше резултати од субвенциите, особено во контекст на опаѓањето на цената на храната на светските берзи – посочува Савески.

Производителите на храна немаат легитимитет за да бараат дополнители мерки и олеснувања, кога не испорачаа резултати од субвенциите, според Савески.

– Производителите немаат легитимитет да бараат дополнителни мерки и олеснувања, бидејќи не испорачаа резултати врз основа на дадените субвенции. Всушност, субвенциите не функционираат и Владата може да бара нивно враќање. Има и легитимно право да го брани јавниот интерес преку замрзнување на цените – објаснува соговорникот.

Тој нагласува дека пекарско-мелничката индустрија ќе се соочи со револт доколку ги спроведе најавите за запирање на производството на леб.

– Производителите на леб се опиени од желбата за профит во матни времиња. Тие ја преценија капиталистичката пропаганда која тврди дека власта секогаш ќе биде виновна. Ако се обидат да го запрат производството револтот ќе биде врз нив. Мислам дека граѓаните сфатат кој е виновен – заклучува Савески.

Бектеши изминатиот викенд најави дека цената на лебот ќе биде замрзната од утре, на предлог на министерството врз основа на спроведените анализи. Според првичните податоци на институциите, 60 до 70 проценти од компаниите од прехранбениот сектор што ја користат мерката за субвенционирана електрична енергија не ги намалиле цените и не го испочитувале договореното. М.Ж.