Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дојче веле

Трошоците за живот во Македонија се за повеќе од половина пониски од Германија, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Поевтино од Македонија е само во Турција.

Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Дестатис. Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.

Анализирани се цените на храна, пијалоци, тутун, облека, енергија, транспортни трошоци, телекомуникации, културен живот и забава, како и хотели и ресторани. Речиси во сите категории Македонија нуди меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина. За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100%) од која се прави споредбата со други држави.
Севкупно, во сите категории, цените во Македонија се на ниво од 49% од цените во Германија- или обратно, тие се за 51% поевтини. Генерално е поевтино само во Турција каде нивото на цените е 39 отсто од германските.

Најевтини цигари и храна

На пример, храната и безалкохолните пијалоци во Македонија се 62% од просекот во Германија, со што се најевтини меѓу сите 40 европски земји. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи. Убедливо најевтини во Европа се и цените кои ги имаат овошјето, зеленчукот и компирите во Македонија. Тие се на ниво од 45% од цените во Германија. За споредба, во регионот на Балканот, цените во Србија се на ниво од 86% од германските, во Хрватска- 76%, во Грција-67%, а во Албанија 77%.

Цигарите и производите од тутун се поевтини само во Турција. Цените во Македонија на тутунот се речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото важи и за облеката и чевлите. Поевтини цени во тие сектори на европско тло има само во Турција, иако цените во Македонија не се далеку од европскиот просек.

Во делот на енергетиката, четири европски држави се поевтини од Македонија. Тоа се: Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, а Унгарија има идентични цени. Во овој дел се пресметуваат цените на струјата, гасот и други горива.

Најевтин одмор во Албанија

За телекомуникациски трошоци помалку од македонските граѓани плаќаат само Турците, Полјаците и Романците. Шест европски држави имаат поевтини алкохолни пијалоци од Македонија и тоа: Унгарија, Германија, Австрија, Италија, Полска и Романија.

За хотели и ресторани помалку од Македонија ќе треба да одвоите доколку одите во Турција, Бугарија или Албанија. Сепак, она што ќе го платите во Македонија за тие услуги е 51 процент поевтино од Германија, и повеќе од двојно помалку од земји како Швајцарија, Исланд, Норвешка или Данска. Цените на хотелските и ресторанските услуги во Грција, како традиционална дестинација за одмор на македонските граѓани, се на ниво од 79% од германските, или точно 30 проценти повисоки од оние во Северна Македонија. Во Хрватска е нешто поскапо, таму за овие услуги ќе платите 34 отсто поскапо од дома. Најевтино е во Албанија и Турција каде ќе минете за 5 проценти поевтино одошто во Македонија.