Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти. Во однос, пак, на мај лани трошоците на живот се поголеми за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2 проценти, млекото за 5,4 проценти, лебот и житата за 3,7 отсто, кафето, чајот, какаото за 3,1, а сирењето и урдата за 2,9 проценти. Минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук поскапеле за 2,7 проценти, свежото и разладеното овошје за 2,6, месото за 2,5 отсто, рибата и морските плодови за 2,3, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1,6 %, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,1 %, пивото за 1%, жестоките пијалаци за 0,5 % и виното за 0,3 %.

Во мај, меѓудругото, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19 %, услугите за сместување за 7,5 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 %, накитот, часовниците и рачните часовници за 7 %, течните горива за домаќинствата за 5,8 %, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5,7 %, туристичките аранжмани за 4,3 %, обувките за 3,3 %, поправките и изнајмувањето на обувките за 2,6 %, производите за домаќинствата – нетрајни за 2,5 %. Пораснале трошоците на апарати и производи за лична хигиена, чистењето, поправката и изнајмувањето облека, гасот за домаќинствата, а забележан е пораст и мебелот и покуќнината за 1,6 %, канцелариските материјали и материјалите за цртање, велосипедите, облека и додатоците за облека, моторните возила, текстилот за домаќинствата.
Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, има кај воздухопловниот патнички транспорт за 10,5 %, градините, растенијата и цвеќињата за 2,4 % и електричните апарати за лична хигиена за 1,2 %.