Фото: Влада

Исплатена е втора транша во износ од 53 милиони евра на наменската сметка за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, како дел од предвидените средства за изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10д, потврдија денеска од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Исплатата е согласно со Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, со којашто за годинава се предводени вкупно 243 милиони евра.Првата транша беше на износ од 117 милиони евра.

– Врз основа на обврските од Договорот за реализација на делниците на Коридор 8 и 10 д, согласно Програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектите на Коридорите 8 и 10 д за 2023 година усвоена од Владата и објавена во Службен весник бр.63/23, исплатени се 3.280.000.000 денари. Овие средства се наменети за авансно плаќање согласно со член 14.2. од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д, односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства, за геоемханички испитувања, мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабараторија и други работи од страна на изведувачот – стои во соопштението од Јавно претпријатие за државни патишта .

ЈПДП истакнува дека коридорите 8 и 10д се стратешки приоритет и најголем инфрастрктурен проект со кој до 2027 година ќе се изградат 110 километри автопатишта за што државата ќе издвои околу 1,3 милијарди евра.

Владата ја донесе Програмата врз основа на член 5 став (2) од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга-Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на Автопатот Прилеп-Битола) и член 30 став (8) од Законот за извршување на Буџетот на Северна Македонија за 2023 година.

Со Програмата се утврдува намената на средствата потребни за финансирање на патната инфраструктура за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10Д, кои се обезбедени во Буџетот на РСМ за 2023 година, Раздел 130.01 Министерство за транспорт и врски, Потпрограма 2М-Инвестиции во патна инфраструктура, категорија 48 Капитални расходи, на ставката 489-Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, во износ од 15.000.000.000 денари.

Во Програмата стои дека средства во износ од 7.254.000.000 денари (117.000.000 евра) се исплаќаат во две транши и се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола).

Средствата од првата транша која изнесува 5.390.000.000 денари (87.000.000 евра) и од втората транша во износ од 1.864.000.000 денари (30.000.000 евра) се исплаќаат согласно член 14.7 од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д.

Исто така, според Програмата, средства во износ од 3.100.000.000 денари (50.000.000 евра) се наменети за авансно плаќање согласно член 14.2 од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства.

Предвидени се 1.580.000.000 денари (25.500.000 евра), за капитални индиректни трошоци односно за трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности вклучувајќи асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот.

Намената пак на средства во износ од 49,5 милиони евра (3.066.000.000 денари) е изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, за дислокации на подземни и надземни инсталации, изведба на дислокации на подземни и надземни Службен весник на РСМ, бр. 63 од 21.3.2023 година 2 од 3 инсталации, подготвителни градежни активности на траса, градежни активности односно изградба на траса, геомеханички истраги, обезбедување на канцеларии и други потреби за надзорот и друго, за патните правци: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

Исплатата на средствата од оваа програма се врши врз основа на претходно извршен надзор и доставено барање со наведен износ за исплата и копија од ситуација со комплетна исплатна документација, која Јавното претпријатие за државни патишта ја доставува до Министерството за транспорт и врски. Врз основа на доставеното барање и документацијата од оваа програма, Министерството за транспорт и врски врши исплата на средствата на Јавното претпријатие за државни патишта.