Фото: ГАК

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе изврши вонреден надзор за случајот со 39-годишната родилката од Скопје, која во неделата вечерта скокна од први кат на зградата на Клиниката за гинекологија (ГАК), велат од Министерство за здравство. Нејзината здравствена состојба и денеска е тешка, таа се бори за живот на КАРИЛ и покрај извршената операција, по падот од зградата.

-По изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навреме ќе биде информирана – велат од Министерство за здравство.

По извршениот увид од полициски екипи на местото на настанот до Основно јавно обвинителство – Скопје е доставено известување за преземени мерки и активности, велат од МВР.

За случајот вчера од Гинекологија кажаа дека жената два пати по породувањето била вознемирена. Првиот пат разговарала со персоналот, а вториот пат и дале терапија и е донесена одлука да се направи подобра проценка на нејзината здравствена состојба, а пред да се пушти дома да ја види психијатар. Од Гинекологија негираа дека треба да се затворат прозорците во ходникот, како што се тие во собите за родилките, со објаснување дека тоа може негативно да им се влијае.
Инаку, денеска е договорено секој петок на ГАК да дава услуги психијатар од Клиниката за психијатрија.

Мајката, инаку, беше породена со царски рез, а на свет го донесе своето првороденче, кое е машко. Таа скокна од зградата на Гинекологија четири дена по породувањето.