Фото: МИА/Архива

Директорот на Агенцијата за одземен имот Дритон Небиу информира дека конфискуваниот имот на поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков, наскоро ќе биде објавен на јавното електронско наддавање кое Агенцијата ќе го изработи согласно законот и по согласност на Владата. Тој, во отчетот за сто дена работа, најави и драстични промени особено во во управувањето со магацините во Идризово, Тетово, Миладиновци и Гевгелија.

Небиу вели дека за неколкуте „мошне актуелни случаи за конфискација“, веднаш презел иницијативи со поддршка и соработка од министерот за правда Кренар Лога и биле преземени активности за нивно обелоденување и што поскоро извршување. Тој посочува на случаите „Империја” во врска со имотот на Сашо Мијалков, „Труст“ или познат меѓу народот како Трансмет и „Бачило” или познат како Иснифарис Џемаили.

На Мијалков му се конфискувани над 30 илјади квадратни метри недвижен имот, од кои 2.200 квадрати во станови и апартмани, над 1.300 квадрати во деловен простор, над 20 илјади квадрати земјиште…, односно станови, деловни и помошни простории, гаражи, земјиште во Скопје, Охрид, Гевгелија и во Кавадарци.

Директорот на Агенцијата за одземен имот најави дека ќе вложи максимални напори за подобрување на условите за работа во Агенцијата за нејзина дигитализација со што би дошло за подобро функционирање и полесно менаџирање.

Дел од одземената стока, Агенцијата ја донирала на училишта и институции.