Фото: Влада

Вкупните приходи на буџетот на државата за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари, односно речиси 5,4 милијарди евра или 31,6 отсто од БДП и истите тие се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра, што е 35 отсто од БДП или за 5,8 отсто пониско во однос на 2023 година

Владата го усвои предлог-буџетот за 2024 година

Владата го усвои предлог-буџетот за 2024 година, оценувајќи го како развоен и дека ќе обезбеди економски раст. Предлог-буџетот за 2024 година тежи 5,5 милијарди евра, во него над 660 милиони ќе бидат за исплата на плати во јавниот сектор, а 733 милиони евра ќе се одвојат за капиталните инвестиции. Предлог-буџетот допрва ќе биде претставен во Собранието, каде што пратениците ќе треба да го гласаат.
Вкупните приходи на буџетот на државата за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари, односно речиси 5,4 милијарди евра или 31,6 отсто од БДП и истите тие се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра, што е 35 отсто од БДП или за 5,8 отсто пониско во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или 545 милиони евра. Од Владата велат дека планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, придружена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и за реализација на инфраструктурните проекти.
Како и секоја година така и за следната се проектирани високи бројки и за капиталните инвестиции – ставка од која потоа најчесто се крати. Иако 2024 е изборна година, за изградба на пруги, патишта, градинки, училишта, државата планира да потроши 733 милион евра.
Кога станува збор за јавниот сектор, дополнителни средства ќе има за зголемените примања во образование, здравство, за пензионерите, а ќе продолжат и субвенциите за струја. Владата вели дека за идната година не се предвидени средства за повисоките функционерски плати.
– Само за исплата на зголемените плати во овој предлог-буџет се обезбедени дополнителни 160 милиони евра, дополнителни 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии, а истовремено има и номинално понизок дефицит во однос на оваа година за 150 милиони евра, тоа се средства со кои се прави заштеда и значи помало задолжување – велат од Владата.
Околу 45 милиони евра се обезбедени и за набавка на лекови, меѓу кои околу 12 милиони евра за лекот „трикафта“.
А, додека, пак, за парламентарните и за претседателските избори в година, ќе се потрошат околу 16 милиони евра. Државата ќе се задолжи и над една милијарда евра. Со парите ќе се враќаат стари долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит.