Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во воведното обраќање постави прашања зошто немало консултации со бизнис-заедницата во спроведувањето на целата постапка, зошто се носат закони по скратена постапка и колку ќе бидат вклучени домашните компании во овој процес

Владата „на отчет“ во Стопанската комора за најновите инфраструктурни проекти

На месечното излагање во Стопанската комора на Македонија, именувано како „’Бехтел и Енка’ – можности, предупредувања и одговорност“, вчера вицепремиерот Артан Груби одговараше на низа интересни прашања на бизнис-заедницата.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во воведното обраќање, постави прашања зошто немало консултации со бизнис-заедницата во спроведувањето на целата постапка, зошто се носат закони по скратена постапка и колку ќе бидат вклучени домашните компании во овој процес. Претставниците на бизнис-заедницата се интересираа и за други прашања, кои се однесуваа на тоа дали административните олеснувања и ослободување од даноците ќе важат и за другите компании што се ангажирани на изградба на други градежни и сообраќајни проекти во земјата.
Во воведот на својата експликација, вицепремиерот Груби ја презентира информацијата дека камен-темелникот за изградба на новите сообраќајни делници од коридорите 8 и 10 Д, кои ќе ги градат „Бехтел и Енка“, ќе биде поставен на 12 мај годинава.
– Вкупно по 250 милиони евра годишно ќе се одвојуваат за реализација на овој амбициозен проект, што е од највисок национален интерес. Предвидените 109 километри автопат ќе бидат изградени за 57 месеци, четирипати побрзо од досегашниот просек на градба на ваков вид сообраќајна инфраструктура во Македонија – изјави Груби.

Неколку поинтересни елементи од изјавите на владините функционери Груби, Бочварски и Бесими

– Ова е нов модел што се користи успешно насекаде во светот, за да се заштеди во време, преку едновремена изработка на проектните документи и изградбата. Целта е да се постигне флексибилност во реализацијата на овој проект, без да се загрози високиот квалитет на автопатот. Наедно тоа врши и притисок на двете страни, односно на државата и на изведувачот, за да се ангажираат со сите сили за навремена изградба. Сакаме да го следиме искуството на другите земји, кои ги изградија своите сообраќајна инфраструктура. За разлика од нив, Македонија за автопатот Кичево – Охрид потроши десет години, а од почетните 400 милиони евра се потрошени 600 милиони и сѐ уште немаме еден километар во употреба – изјави Груби.
За обвинувањата од опозицијата дека договорот со конзорциумот е штетен за државата и коруптивен, Груби одговори дека не познавал ниту еден политичар што ќе си дозволи коруптивни активности во проект што го спроведуваат вакви компании, додавајќи дека хајката што се води во јавноста е само за дневна политика.
– Ако се проневери еден денар од народните пари, ние политичарите да скапеме доживотно во затвор – изјави Груби.
Тој информира дека досега не се исплатени средства, а за првите пари што ќе бидат дадени авансно за почеток на градежните работи ќе бидат објавени на порталот „Отворени финансии“. Од ова ќе имаат корист и домашните компании и 51 отсто повеќе од 600 милиони евра ќе остават во Македонија. Груби посочи дека склучениот договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“ не е државна тајна, но, како што појасни, содржи доверливи информации и клаузули поради кои не може да се објави.
Груби повтори дека измените на осумте закони што се во собраниска процедура не ги барал конзорциумот „Бехтел и Енка“, туку ги предложиле самите пратеници. Во однос на измените на законот за работни односи со кои се предвидува 60-часовна работна недела, Груби рече дека тие не значат експлоатација на работниците.
Министерот за сообраќај Благој Бочварски појасни дека законските измени за урбанистичко планирање и градење и сите административни промени што се прават за „Бехтел и Енка“ ќе важат за сите стратегиски проекти.
– Ова ќе важи за сите сегашни и идни државни патишта и за магистралните гасоводи. Откако ќе се одобри урбанистичкиот план, ќе следува постапка за одобрување решение на градба, а тоа ќе може да се прави во фази. Изведувачот ќе може да работи во одобрениот урбанистички опфат, кој е чист со експропријација и други постапки – изјави Бочварски.
Министерот за финансии Фатмир Бесими зборуваше за финансиските ефекти и економските импликации од овој проект, кои ќе бидат повеќекратни. Според студијата за оправданост, предвидени се нови три илјади работни места и индиректно уште пет илјади. Годишните инвестиции ќе иницираат дополнителен раст од два отсто на БДП. Даночните ослободувања не се ексклузива за оваа компанија и се применуваат на сите други стратегиски проекти што се финансираат со меѓународно задолжување. Бесими појасни дека со ослободување на даноците на потрошувачката ќе се намали и износот на задолжувањето во висина на даночните ослободувања.М.Ј.